Свет
11. December 2016 - 16:22

Трамп: Не верувам во извештајoт на ЦИА за руско хакирање на изборите

Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп изјави денеска дека не верува во извештајот на ЦИА, според кој руски хакери се обидувале да ги свртат изборите во негова полза.

Во интервју за телевизјата Фокс Њуз, Трамп ја обвини Демократската партија за како што рече „бесмисленото“ тврдење и за информациите дека Русија стои зад случаите со хакирањето.

Угледни републикански политичари, меѓутоа, им се приклучија на демократите во барањето за „целосна истрага“ во врска со сознанијата на разузнавачката агенција ЦИА.

Републиканскиот сенатор Џон Мекејн, претседател на Комитетот за армиски служби, го поддржа соопштението на демократите и нивниот сенатор Чак Шумер. за тоа дека извештајот на ЦИА „би требало да алармира секој Американец“.

Агенцијата претходно соопшти дека руски хакери стојат за кибер нападите врз седиштето на Демократската партија на САД и на Џон Подеста, шеф на изборната кампања на Хилари Клинтон.

Во извештајот се вели дека биле хакирани и двете страни во предизборната кампања, но целта не бил да се наруши изборниот процес, туку да му се помогне на Трамп да победи на изборите.

Тимот за транзиција на Трамп веднаш ги отфрли ваквите заклучоци на ЦИА, а некои од соработниците на новоизбраниот претседател обвинија „определени структури“ во агенцијата дека тоа се оние луге кои на времето тврдеа дека Садам Хусеин има оружје за масовно уништување.

Ирачкиот диктатор имаше такво оружје кое го имаше употребено на три пати против сопствениот народ, но американските набљудувачи предупредуваат на опасноста од досега незабележан судир меѓу претседателот и ЦИА.

Официјална Москва, реагираше со демант на извештајот на ЦИА, тврдејќи дека „нема докази“ за вклученост на руски хакери.