Свет
13. April 2017 - 8:51

Трамп: НАТО веќе не е остарена организација

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека НАТО не е остарена организација, како што тврдеше за време на својата предизборна кампања, но додава дека земјите членки на НАТО треба да го плаќаат својот дел за поддршката на безбедноста во Европа, пренесоа британските медиуми.

На прес конференцијата со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, американскиот претседател им заблагодари на членките на Алијансата за нивната поддршка на неговата одлука да истрела 59 ракети врз сириската военовоздухопловна база, како соодветна мерка за нивниот хемиски напад врз цивили во провинцијата Идлиб.

-Кажав дека е остарена. Веќе не е, рече Трамп за НАТО и додаде дека Алијансата се приспособува за една поширока мисија за борба со радикалните исламисти, на која тој повикуваше.

Трамп изјави дека е ангажиран со своите сојузници во НАТО и дека ќе работи на справувањето со идните предизвици, како што се миграцијата и тероризмот.

Трамп го повика НАТО да помогне во решавањето на кризата во Сирија, пренесе ДПА.

Тој, исто така, ги повика змејите од НАТО да ги исполнат своите ветувања за издвојување на повеќе средства за одбраната и да го постигнат договореното ниво од два отсто од националниот БДП.

Трамп изрази надеж дека НАТО ќе им помогне на ирачките сили да се изборат со радикалната група Исламска држава, пренесе ТАСС.

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, изјави дека имал одлична и продуктивна средба со Трамп во Овалниот кабинет. Тој му заблагодари на Трамп за неговиот повик до земјите од Алијансата да ги зголемат своите трошоци за одбраната, пренесе ДПА.

Столтенберг изјави дека праведното распределување на товарот е неговиот водечки приоритет откако е на оваа функција. Тој кажа дека за првпат по многу години токму минатата година е утврдено зголемување од 3,8 проценти на расходите за одбрана меѓу земјите членки на НАТО, што изнесува 10 милијарди долари, и е пресвртница на досегашната тенденција на пад во расходите.

-Работиме на зачувување на оваа инерција, изјави Столтенберг на прес конференцијата со Трамп.

“НАТО треба да е цврст и предвидлив во својот пристап кон Русија. Алијансата треба да најде начини за заеднички живот со нив (Русите), за да се избегне нова Студена војна или натпревар во вооружувањето“, рече шефот на Алијансата. сд/08:06