Македонија
1. October 2019 - 13:20

Трајчо Димков поднесе оставка на местото член на Комисијата за избор на работници во АНБ

Членот на Комисијата за селекција и избор на работници од Управата за безбедност и контраразузнавање во Агенцијата за национална безбедност, Трајчо Димков денеска преку соопштение информира дека до премиерот Зоран Заев поднел оставка на местото во ова тело.

Димков, кој е пратеник во Собранието од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, во соопштението посочува дека чувствува обврска да ја информира јавноста за мотивите за оставката, нагласувајќи дека за член на Комисијата бил избаран со решение на Владата.

– Изборот на кадри за АНБ беше компромитиран од самиот почеток и повеќе се базираше на субјективни па дури и политички, наместо на објективни, јасни и однапред утврдени критериуми. Мојот впечаток е дека целиот процес беше фарса, односно имаше за цел да даде некакво покритие за претходно донесени одлуки околу кадрите кои би влегле во АНБ. Според мене, имаше неколку клучни моменти врз основа на кои се направи ваков избор, односно не се постапи согласно новиот закон за АНБ. Не се реализираше тестот за интегритет кој требаше да се спроведе согласно законот за АНБ, ниту се постапи согласно информацијата на Државната комисија за спречување корупција во однос на судир на интереси при вработувањето. Исто така, од неразјаснети причини не се реализираше ниту предвиденото полиграфско тестирање, наведува Димков.

Тој како спорни во целиот процес на селекцијата на вработените ги посочува и „кредибилитетот на оценувачите и нејасните критериуми за оценување“, со што според него  резултирало со субјективност при оценувањето, што „сериозно влијаело на изборот на кандидати“.

– За сите овие пропусти навремено реагирав во текот на процесот на селекција. Врз основа на погоре наведеното, но и на голем број на реакции на лица и медиуми, кои отворено ги нотираа пропустите, чувствувам обврска да се повлечам односно да поднесам оставка од член на Комисијата за селекција и избор на работници од Управата за безбедност и контраразузнавање во Агенцијата за национална безбедност, додава пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој посочува дека се потребни реформи во безбедносниот сектор кои „ќе резултираат со ефикасни и професионални служби“.

– Се плашам дека во моментов со ваквиот начин на работа, само се оддалечуваме од крајната цел, односно се креира една нова институција кон која довербата е дискутабилна уште од самиот старт. Доколку сте искрени во намерата за реформи во безбедносниот сектор, тогаш сметам дека е неопходно да се ревидира процесот на селекција на кандидатите за влез во Агенцијата за национална безбедност. Исто така, потребно е да се формира нова комисија, бидејќи постојната веќе го загуби кредибилитетот, но и да се ревидира начинот на вршење на безбедносни проверки за да се утврди како е спроведено сегашното оценување на кандидатите, заклучува Димков во оставката доставена до премиерот Заев.