Македонија
8. October 2017 - 16:18

Трајановски најавува реконструкција на вториот дел од Градскиот Парк

Реконструкцијата на постоечките и подигнувањето на нови зелен површини и паркови во Скопје е еден од приоритетите на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“ за наредните четири години, изјави денеска кандидатот за градоначалник Коце Трајановски.

Според него, еден од најголемите предвидени проекти е реконструкцијата на вториот дел од Градскиот парк

- По скоро 50 години и првпат од неговата изградба предвидуваме целосна реконструкција на вториот дел од Градскиот Парк. Со овој проект е предвидено поставување ново зеленило, хидрантска мрежа и осветлување, како и садење нови 5.000 дрвја. Со овој мега проект ќе се изврши и обновување на постоечките мостови и патеки, ќе се исчистат езерцата и каналите, ќе се постави нова урбана опрема и реквизити за деца, како и нови јавни тоалети, ифнормира Трајановски.

Реализацијата на овој мега проект, додаде, ќе биде во повеќе фази и ќе чини неколку милиони евра.

Трајановски напомена дека изминатите осум години во Скопје се подигнати над 350.000 метри квадратни нови паркови и зелени површини. - Во наредните четири години се планира подигнување над 500.000 метри квадратни нови зеленило и паркови, најави Трајановски.