Македонија
26. July 2015 - 0:24

Трагедија: Тригодишно дете прегазено на патот Штип-Радовиш

Тригодишно дете загина вечерва околу 19:30 часот на регионалниот пат Штип-Радовиш, кај градските гробишта во Штип.

Основниот јавен обвинител Јован Ѓурков рече дека несреќата се случила околу 19:30 часот кога тригодишниот Х.Ј. бил на гробиштата заедно со родителите, но во критичниот момент се истргнал од рацете на 12 - годишната сестра и го претрчал регионалниот пат Штип - Радовиш. Во тој момент на патот минувал автомобил „Голф“ со штипски регистерски таблички, кој директно удрил во детето.

Телото на детето е предадено на обдукција. На лице место на возачот му е направен алкотест, кој покажал дека тој не е во алкохолизирана состојба. 

Јавниот обвинител и полицијата се се уште на местото на несреќата.

Сообраќајот на влезот во Штип се одвива во една сообраќајна лента.