Топлото и сушно лето го намали родот на тутунот, но го зголеми квалитетот
Долгиот сушен период и екстремно високите температури го намалија родот на тутун во струмичкиот регион. Првичните анализи од бербата која над 90% веќе е завршена покажуваат дека количините ќе бидат намалени за 10 до 15% во однос на очекуваното, но затоа пак квалитетот е значително подобар.
Токму добриот квалитет според претставниците на здруженијата на тутуно производителите им дава надеж да очекуваат добра откупна сезона со добри цени за произведеното.
- Очекувавме да имаме околу 2,5 милиони килограми тутун, но самата суша го намали родот. Очекуваме во струмичкиот регион да имаме околу 2 милиони килограми тутун. Но, сепак за разлика на тоа ќе имаме поквалитетен тутун, ќе имаме подобра цена. Ако лани имавме во струмичкиот регион 210 денари просечна цена, очекуваме оваа година да имаме 217 , 218 па и 220 да биде просечната цена.,, велиМарјан Трајков - здружение на Тутунопроизводителите БАСМАК - Василево.
Врз основа на квалитетот за кој велат дека е подобар од лани тутуно производителите очекуваат и повисоки субвенции.
- Ако имаме поголема просечна цена и поквалитетен тутун ќе имаме и поголема субвенција од 90, 80 и од 70 денари, значи ќе ги нема оние долните неквалитетните берби од 60 денари, значи тука ќе се добие на поголема цена.,, вели Трајков.
Оваа година во струмичкиот регион тутунот беше засаден на површина од околу 1200 хектари. Во петте организации кои вршат откуп во овој дел од државата биле пополнети околу 2400 евидентни листови.
Според новиот закон последниот рок за почеток на откупот на тутун е 15 декември, но доколку временските услови го дозволат тоа тутуно производителите очекуваат стартот на откупот да биде околу месец дена порано.
-
Зоран Ѓоргиев
Сите содржини од овој новинар