Македонија
26. December 2015 - 14:41

Тодоров: Пациентите од струмичкиот регион ќе добијат нова болница

 

Со  дооформувањето на започнатата градба на објектот на Општа болница Струмица, кој е изграден до фаза карабина во 1985 година, Владата ќе реализира  уште едно ветување од својата Програма, рече на денешната прес-конференција министерот за здравство Никола Тодоров.

Станува збор, како што појасни за објект кој стои речиси 30 години и практично тоа ќе дојде како градба од почеток, со што пациентите од струмичкиот регион ќе добијат нова болница.

- Оваа болница обезбедува здравствени услуги за жителите од Радовиш, Валандово, Дојран, Богданци, Пехчево и  Берово, односно за над 230 илјади жители. Според податоците од системот МојТермин само во текот на 2015 година над 53 илјади пациенти се упатени кон оваа болница, а креирани се над 190 илјади упати кон болницата, рече Тодоров.
 
Тендерот, како што информира министерот за здравство, е веќе објавен, односно отпочната е тендерската постапка за градежните работи на објектот на Општа болница – Струмица, а отворањето на понудите е на 5 февруари. Вредноста на овој проект  е проценета на 275.000.000 денари.
 
- Иако предвидениот рок за овој проект кој го дадовме пред граѓаните во Програмата на Владата беше вториот квартал од 2017 – 2019 година, сепак Владата донесе одлука за повеќегодишна набавка, односно вложи заложби за ова исклучително значајно ветување за граѓаните од Струмица и струмичкиот регион да го реализираме, како што сме ветиле, па дури и пред предвидениот рок, истакна Тодоров.

Со овој проект, како што додаде, предвидено е дооформување и адаптација на постојниот  објект, таканаречениот „Хируршки блок“, кој се состои од два блока: блок А и блок Б и со овој проект опфатени се и двата блока со вкупна површина од околу 6.500 м2.


 
- Блокот А има приземје и четири ката и се развива на површина од околу 5.100м2, додека блокот Б се состои од приземје и два ката со површина од околу 1.400м2, додаде тој.
 
Инаку, во 2002 година е иницирано дооформување на објектот, при што се извршени работи на дел од објектот – преградни ѕидови, скали, лифтовски окна, кровна конструкција со покрив од профилиран лим, мал дел од инсталациите и сл.
 
Според потребите во објектот предвидено е да се сместат ургентниот центар,  приемниот дел за стационирани пациенти, стационари за хируршки болести, ортопедија и трауматологија, уролошки болести, пластична хирургија, гинекологија и акушерство со неонатологија, одделението за очни болести и одделението за болести на уво, нос и грло.

Во овој објект, како што посочи, е предвидено да биде и оперативниот блок - составен од три операциони сали за општа и дигестивна хирургија, за трауматолошко-ортопедски интервенции и други чисти оперативни зафати, урологија и пластична хирургија, офталмологија и ОРЛ, како и интензивна нега, централна стерилизација, и лабораторија за патологија.
 
- Според досегашните индикатори за работата на болницата и целите кои треба да се постигнат во Општата болница во Струмица (80 отсто искористеност), идниот капацитет на овој блок, кој треба да се оформи во недовршениот објект, се дефинира со вкупно 83 болнички кревети, рече Тодоров и додаде дека се планирани три/четирикреветни, двокреветни и еднокреветни соби. Секоја соба за хоспитализирани болни има своја сопствена бања, со туш и тоалет.


 
Имајќи предвид, како што нагласи, дека објектот повеќе од 10 години е во истата состојба, односно тогаш биле извршени определени зафати, но објектот од тогаш не се користи, предвидено е, покрај функционалните адаптации, да се изведат и сите неопходни градежни, градежно-занаетчиски и инсталатерски работи за истиот да се стави во функција.
 
Во овој контекст со проектот се предвидува и комплетен БМС - Центар за интелигентно управување со објектот, компјутерски центар за интеграција на сите системи во болницата, како и пристап од улицата до влезот и Ургентниот центар, поправка на фасадата, терасите, столаријата, покривот, настрешниците и проверка на делумно изведените инсталации со цел истите да се усогласат и изведат според новото функционално решение.

Во Општа болница Струмица, како што рече министерот, во изминатиот период беше извршена и доградба, реконструкција и адаптација на приземјето на влезот на амбулантно-поликлиничкиот дел, градежно-занаетчиски услуги од различен вид - поправка на кров, ѕидарски, молерски, керамички и други работи, реконструкција на постојниот оперативен блок, како и реновирање на болничка аптека, оддел за физикална терапија, дел од психијатрија со санитарни јазли и нова амбуланта, варосување на целата болница и асфалтирање на влезот и предниот дел од болницата. - Само за реконструктивни зафати се инвестирани над 31 милиони денари за оваа јавна здравствена установа, додаде Тодоров.
 
Во однос на приближување на здравствените услуги до жителите од градот Струмица и околните места, потсети дека успешно функционира Центарот за интервентна кардиологија и од почетокот на годинава досега се извршени 270 интервенции.
 
- Од оваа година е воведена и фибероскопија, ОРЛ – дијагностична метода, а во областа дерматологија за првпат е воведена дермоскопија - дијагностичка метода за откривање на кожни промени и откривање меланоми на кожата. Во оваа установа ја воведовме и ФАЦО-методата за операција на катаракта и досега е успешно интервенирано кај 360 пациенти, рече министерот за здравство.
 
Дополнително, как што истакна, во струмичката болница изминатиот период беа воведени и други методи како: колоноскопија, ехо на колкови на доенчиња, артроскопија на колено, суптотална протеза на колкови, третирање на фрактури на натколеница. Во областа урологија се работат ендоскопски интервенции (трансуретрална ресекција на простатата, трансуретрална ресекција на тумори од мочен меур, трансуретрална ресекција на вратот на бешиката, кршење на камен во уретер и мочен меур).
 
- Со сите овие новини, континуирано вложуваме во унапредување на условите за третман и лекување на пациентите – мерки кои значат директен бенефит за над 230 илјади жители од Струмица и поширокиот регион, истакна на денешната прес-конференција министерот Тодоров.