Македонија
11. January 2021 - 11:45

Тодоров: Од 27-ми април СДСМ беа физички, ВМРО-ДПМНЕ политички жртви

На 27 ми април ништо не наговестуваше дека во Собранието ќе се случи насилство. Вака денеска во судот сведочеа поранешните министри Гордана Јанкуловска и Никола Тодоров. Според Јанкуловска партијата ВМРО-ДПМНЕ никогаш формално не ја поддржала иницијативата „За заедничка Македонија “ иако поедини членови биле дел од протестите но сето тоа било индивидуално. Рече дека некаде околу 17 часот пристигнала дома од партиското седиште и на вести видела дека протестирачите влегуваат во Собранието. Појасни дека ниту едно партиско тело немало донесена никаква одлука во однос на протестите ниту формално дискутирала. Меѓутоа во приватната комуникација членовите на партијата знаеле да ги коментираат случувањата на протестите. 

Сведочењето на Тодоров беше прекинато од страна на судијата и беше дадена пауза од 45 минути поради приватни причини на судијата. Тодоров во својот исказ рече дека насилство најмалку му одговарало на ВМРО-ДПМНЕ и на државата. 

"СДСМ беа физички жртви, а ВМРО-ДПМНЕ политички жртви", рече Тодоров.

Во дел од исказот тој објаснуваше како им помагал на своите колеги пратеници од СДСМ но и за тоа како се одвиваше денот со Собранието. Рече дека пратениците од ВМРО-ДПМНЕ не знаеле дека ќе се избира нов претседател бидејќи договорот бил седницата да заврши во 18 часот.

 

Даниел Василев