Македонија
15. December 2025 - 16:32

Точката за разрешување на Коцевски утре пред пратениците

Пратениците утре ќе расправаат за разрешување на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски. Собранискиот спикер Гаши на брифинг со новинарите кажа дека точката ќе биде ставена на дневен ред.

Ставот на Коцевски е познат, тој смета дека одлуката за негово разрешување е политичка бидејќи Советот на јавни обвинители даде мислење дека тој немал направено тешко дисциплинско прекршување, а вели и дека е најтранспарентниот Јавен обвинител во регионот. 

Јавното обвинителство се уште ја чека поканата од Собранието за утрешната седница, каде Коцевски пред пратениците се очекува да ги каже своите аргументи зошто не треба да биде разрешен. 

Гаши засега не открива точен датум кога пратениците ќе треба да изберат нов државен јавен обвинител.

„Нов државен обвинител ќе биде избран во законските рокови“, кажа Гаши пред новинарите. 

А Собранието ќе има рок од шест месеци да избере нов државен јавен обвинител. Законот предвидува дека во случај на разрешување од функцијата, Советот на јавни обвинители е тој кој од редовите на јавните обвинители во Републичкото обвиителство избира вршител на должност кој раководи со институцијата, но не подолго од шест месеци.

Коцевски не „прежиеа“ ниту една третина од својот шестгодишен мандат. Назначен беше на 13 февруари 2024 година. Доби доверба од 62 пратеници од тогашното владејачко мнозинство. ВМРО-ДПМНЕ уште тогаш, од позиција на опозиција велеа дека неговиот избор е скандал сам по себе бидејќи се случил на помалку од три месеци од парламентарни избори. 

Постапката за негово разрешување беше почната во февруари годинава, но беше прекината по трагедијата во Кочани. Владата на минатата владина седница, одржана во вторникот, одлучи да ја продолжи постапката обвинувајќи го за неовластено изнесување информации, податоци за судски предмети и нарушување на угледот на Јавното обвинителство. 

Коцевски е дипломиран правник, правосуден испит положил уште во 1994. До 2008 година работел како адвокат во тетово, а потоа е избран за јавен обвинител во Вишото јавно обвинителство Гостивар. Во 2022 година Советот на јавни обвинители го избра за јавен обвинител во Републичкото јавно обвинителство, каде работел како раководител на Одделението за мета податоци и мерки за следење на комуникациите.