Македонија
5. November 2015 - 13:25

Тимот на Јанева од понеделник почнува со работа

Дванаесетте јавни обвинители кои го сочинуваат тимот на специјалната обвинителка Катица Јанева денеска дадoa свечена заклетва во Советот на јавни обвинители. Тие се обврзаа дека во вршењето на функцијата ќе го почитуват Уставот на Република Македонија, законите и меѓународните договори.

Тимот на Јанева од понеделник ќе ги преземат предметите, кога и ќе започнат со работа. Јанева рече дека не знае колкав е бројот на предметите, бидејќи од понеделник ќе се обратат до институциите.

- Тимот е спој на искуство и младост. Сите се доволно авторитетни, професионални и кредибилни личности, кои знам дека можат да одговорат на предизвикот, изјави Јанева по свечената заклетва.

Во изјавата за медиумите таа истакна дека не се откажува од двајцата обвинители кои беа предложени, но кои Советот не ги изгласа.

- Се надевам дека тие ќе бидат на приоритетната листа доколку се покаже потреба од проширување на тимот, рече Јанева.

Во контекст на тоа додаде дека тимот и Советот на јавни обвинители заедно одлучиле Специјалното јавно обвинителство да биде составен од 12 обвинители.

- Мојот кабинет е веќе подготвен да ја преземе работата и веќе се има активности. Обвинителите сами ќе си ги избираат своите тимови со кои ќе работат. Предвидено е секој обвинител да има по двајца истражители и двајца стручни соработници, рече Јанева.

Обвинителката нагласи дека притисоци засега нема, ниту пак имало и оти се надева дека и понатаму ќе ги нема.

На најавите дека Законот за Специјално јавно обвинителство ќе биде оспорен пред Уставниот суд, Јанева рече дека овој Суд мора да ги почитува законите и да донесе законска одлука. - Не можам јас да коментирам уставни одлуки во овој момент, додаде Јанева.

Одговарајќи на прашање за буџетот на СЈО, Јанева рече дека парите треба да стигнат на сметката и дека објектот се довршува.

Во врска со информирањето за работата на Специјалното јавно обвинителство, Јанева рече дека во секој момент ќе бидат транспарентни кон јавноста, дека засега нема да има портпарол и оти таа ќе дава изјави за сите активности.

Советот на јавни обвинители вчера едногласно ги избра обвинителите: Гаврил Бубевски, Ленче Ристевска, Трајче Пеливанов и Артан Ајро, сите од Основното јавното обвинителство-Скопје, како и Лиле Стефанова од Јавното обвинителство за гонење кривични дела од областа на корупцијата и организираниот криминал. Тие им се придружија на седумте обвинители избрани претходно: Бурим Рустени, Елизабета Јосифовска, Лејла Кадриу, Љубомир Лапе, Марија Ѓорѓева, Стевчо Донев и Фатиме Фетаи.

Претседателот на Советот на јавни обвинители Петар Аневски вчера по седницата на Советот изјави дека петтемина со кои се дополнува Специјалното обвинителство биле предложени од Катица Јанева која во текот на денот поднела предлог и повторно барање за докомплетирање на нејзиниот тим со избор на јавни обвинители. Предложила пет наместо првично бараните седум обвинители.

Катица Јанева, претходно, кога беа  избрани само седум од предложените 14 помошници, побара од нив да не даваат свечена изјава се додека не и биде комплетиран целиот тим.

Неизборот на целиот тим што го предложи Јанева беше едно од спорните прашања што го кочеше меѓупартскиот дијалог за спроведување на договорот од Пржино.