Бизнис
27. November 2017 - 11:44

Тевдовски: Приходите во Буџетот до ноември поголеми за 4,4 проценти

Приходите и приливите во Буџетот на Република Македонија десетте месеци од годинава се во рамки на очекувањата за овој период, а плаќањата на расходите се реализираат редовно и навремено.

Ова го посочи министерот за финансии Драган Тевдовски денеска образложувајќи го Предлог-буџетот за наредната година во собраниската Комисија за финансирање и буџет.

Рече дека вкупните приходи се реализирани во износ од 146,4 милијарди денари или 79 отсто, односно тие се повисоки за 4,4 проценти во однос на наплатените во тој период од претходната година. Од овој износ, 87 милијарди денари се даночни приходи, кои бележат пораст од 3,4 милијарди денари или четири отсто повеќе во однос на лани. Приходите од ДДВ се реализираа за 1,9 отсто повеќе во однос на истиот период во 2016 година, односно достигнаа ниво од 39,9 милијарди денари и истите доминираат во структурата на даночните приходи со 45,9 отсто.

Приходите од персоналниот данок на доход во периодот јануари-октомври 2017 година се наплатени во износ од 12 милијарди денари, што претставува раст од 7,5 проценти во однос на истиот период претходната година. Во истиот период наплатени се приходи од данокот од добивка во износ од 9,9 милијарди денари и се за 10 отсто повисоки во однос на истиот период од минатата година.

Повисоки од планираните се и приходите од акцизи и во десетте месеци од 2017 година тие достигнале ниво од 19,3 милијарди денари, што е за 4,1 отсто повеќе од минатата година.

Приходите од социјални придонеси се остварени во износ од 42,9 милијарди денари, што е за две милијарди денари или 4,9 проценти повеќе од соодветниот период во 2016 година. Притоа, по основ на пензиско осигурување реализирани се 28,9 милијарди денари, додека по основ на здравствено осигурување наплатени се 12,2 милијарди денари.

Во периодот јануари - октомври 2017 година, неданочните приходи изнесуваат 11,3 милијарди денари, и во однос на истиот период 2016 година се повисоки во износ од 438 милиони денари, односно за четири отсто.

Во овие рамки доминантни се неданочните приходи на буџетските корисници на сопствените сметки, кои се остварени на ниво од 7,2 милијарди денари и административните такси реализирани во износ од 1,3 милијарди денари.

Капиталните приходи изнесуваат 1,2 милијарди денари, и се пониски за 34,4 отсто во однос на анализираниот период минатата година како резултат на пониската дивиденда од АД Македонски телеком.

Буџетските корисници реализирале и 3,8 милијарди денари по основ на донации од меѓународна, мултилатерална и билатерална соработка.

Расходите во периодот јануари - октомври 2017 година се реализираа во износ од 157,6 милијарди денари или околу 77,5 отсто, односно тие се за 6,5 милијарди денари или 4,3 отсто повисоки во однос на истиот период минатата година.

Во овој период, рече министерот, навремено и непречено се подмируваа сите обврски на буџетските корисници, законските права на граѓаните и доспеаните обврски.

Од јануари до октомври годинава остварен е дефицит на Буџетот на РМ во висина од 11,3 милијарди денари што е за 345 милиони денари или 3,2 отсто помалку од соодветниот дефицит во 2016 година.  

Државниот долг на Република Македонија на 30 септември 2017 година изнесува 3,9 милијарди евра, односно 37,8 отсто од БДП, додека јавниот долг изнесува 4,7 милијарди евра, односно 45,8 отсто од БДП