Бизнис
28. March 2018 - 14:14

Тевдовски: Почнуваме мерки на среден рок што ќе ја раздвижат економијата

Владата води политика на умерена фискална консолидација, почнува да гледа на среден рок и благо го намалува буџетскиот дефицит. Економскиот раст од 3,2 отсто е остварлив. Македонската економија почнува да се движи и може да оствари раст поголем од четири проценти, рече денеска министерот за финансии Драган Тевдовски.

Според него, интеграциите во НАТО ќе овозможат и повисок раст од проектираниот, а ќе создадат и мултипликативен ефект кај инвестициите зашто се вид сигурност.

Тевдовски уште еднаш повтори дека расходните трошоци се намалуваат и дека во Буџетот веќе нема место за жални врби и фасади, иако се уште, и годинава, се исплаќаат дел од парите за зградата на Филхармонијата.

- Почнуваме да преземаме мерки на среден рок кои прво ќе почнат да ја движат економијата, а потоа ќе создаваат фискална дисциплина. Мислиме дека е тоа исправна политика. Годинава одиме со буџетски дефицит од минус 2,7 проценти. Не можеме да излеземе од оваа ниска состојба на економска активност ако имаме намалување на буџетски дефицит, истакна Тевдовски на форумот „Македонската економија меѓу визија и дилема“.

За да се оствари растот повисок од четири отсто, мора да се мисли на подолг рок. - За жал, многу години наназад, политиките беа дизјанирани само меѓу два изборни циклуса, на краток рок беа преземани ад-хок мерки и тоа мора да се смени, потенцира министерот.

Најави измени на Законот за буџети кои, рече, треба да ги сменат буџетскиот календар и хиерархијата на буџетските корисници по примерот на поразвиените земји.

Тевдовски посебно ја нагласи транспарентноста на трошењата на јавните пари и вети дека до крајот на 2018 година Македонија ќе го има трезорот на веб и до детали ќе може да се гледаат тошењата.

Се размислува за закон за спречување на злоупотребите од минатото, се работи и на нов закон за јавен долг, како и на нов систем за јавна внатрешна контрола.

Се надоврза вицепремиерот Кочо Анѓушев, со став дека мора да се знае точно каде и за што се трошат парите на граѓаните. Посебно треба да бидат мерливи, дополни, ефектите од владините субвенции за компаниите, за што ќе се формира посебен експертски тим во МАНУ кој ќе ги следи и ќе треба да ги соопшти.

Пред почетокот на форумот, британскиот амбасадор Чарлс Гарет порача дека јавните финансии се клуч за здрава демократија. Граѓаните мора да знаат како и за што се трошат нивните пари, а тоа е многу важно и за бизнисот кој врз основа на конкретни, точни податоци одлучува за своите инвестиции. Јавните финансии, подвлече Гарет, мора да бидат лесно достапни и лесно разбирливи.