Македонија
12. September 2021 - 19:56

Тетовската болница барала од институциите зголемување на безбедноста за модуларниот објект

Градоначалничката на Тетово тврди дека Клиничката болница барала помош од институциите за подобрување на безбедноста во ковид центарот. Според Арифи, општината во соработка со противпожарната единица имала план за заштита од пожари во објекти на локалната самоуправа, но во него не била вклучена болницата. За сигурноста на модуларната, тетовскиот клинички центар очекувал поддршка од други институции.

Надлежните од тетовската болница не беа достапни да одговорат од кои институции се барало да го надгледуваат монтажниот објект. Претходно, координаторот на ковид центарот изјави дека не знаел дали во модуларната имало противпожарни апарати – ќе чекал да утврди истрагата.

Од државното обвинителство велат дека во тек се вештачења на доказите, а во откривање на причините за пожарот се очекува и поддршката од германските форензичари чие доаѓање се најавува за неколку денови.

Во меѓувреме, се појавуваат и нови снимки од трагедијата кои сведочат за експлозии по кои пожарот го зафаќа целиот. Лекарите и медицинскиот персонал од ковид центарот кои денеска беа на прием во општината, велат дека жалат за изгубените животи, ама не објаснија што претходело на кобната вечер во која загинаа 14 лица.