Loading Video...
Балкан
6. August 2022 - 16:29

Тешка автобуска несреќа во Хрватска

12 лица ги загубија животите, а 32 се повредени во автобуската несреќа која се случи утринава во Хрватска. Автобус со полски регистарски таблички, од засега непознати причини, излетал од автопатот А4 додека се движел кон Загреб.

Потпретседателот на Владата и министер за внатрешни работи на Хрватска, Давор Божиновиќ, на прес-конференција соопшти дека информацијата за несреќата пристигнала од полска државјанка која била во автобусот, по што биле ангажирани сите надлежни служби кои реагирале навремено.

Во автобусот, се превезувале 43 патници, но се уште се чека целосната листа. Според полските медиуми станува збор за група која планирала да оди на аџилак во Меѓугорје и меѓу патниците имало 3 свештеници и 6 калуѓерки.

Во Хрватска денеска доаѓаат полскиот министер за здравство, заменик-министерот за надворешни работи, лекари и психолози од екипите за итна помош, соопштуваат тамошните медиуми. Претседателот на Полска, Анджеј Дуда, изрази сочувство до семејствата на жртвите во несреќата и увери дека полските власти прават сѐ за да им помогнат на повредените и преживеаните патници.