Македонија
5. November 2016 - 9:40

Тереза Салгуеро и Карсу Домнез на фестивалот „Музика од светот“

Португалската пејачка Тереза Салгуеро и Карсу Домнез од Холандија се годинашни ѕвезди на интернационалниот фестивал „Музика од светот“ чиј домаќин и организатор е Центарот за култура во Битола.

Осмото фестивалско издание ќе го отвори Тереза Салгуеро која ќе настапи со најпознатите теми од групата „Мадредеуш“ и со промоција на најзиниот најнов музички албум „Хоризонт“, најави Борче Димитровски, директор на НУ Центар за култура-Битола.

- Битола е на мапата на големата португалска музичка ѕвезда која во нашиот град пристига по концертите во Тајпеј и Тајланд, а веднаш потоа ќе замине за Швајцарија. Тереза Салгуеро е важно име што се вбројува во нашиот фестивал, врвен промотор на традиционалната португалска музика, а многумина се сеќаваат и на нејзината главна улога во култниот филм „Приказна за Лисабон“ од 1994 година, истакна Димитровски.

На вториот фестивалски ден ќе настапи гостинката од Холандија со турско потекло Карсу Домнез, а во рамките на придружната програма на „Музика од светот“, по завршувањето на концертот на Домнез, во клубот „Порта џез“ ќе настапат и „Woman in Jazz“ - 15 музичарки од Србија кои промовираат родова еднаквост на професионалните можности и зголемување на бројот на жени музичари и композитори на регионалната џез-сцена.