Македонија
10. September 2024 - 16:39

Тензии околу црква во гостиварско

Од саботата почнале со градежнни работи, за да ја реставрираат црквата Света Петка кај гостиварко Врапчиште. Но по налог на Градежниот инспекторат од општината, полицијата ги прекинала работите.

Денеска црквата беше оградена со лента на која имаше еден лист пишуваше „Градежен инспекторат (општина Врапчиште)“. Немаше полициско обезбедување.

Во 15:00 часот пристигна донаторот за реставрирање на црквата заедно со дузина луѓе. Вели, градоначалникот се обидува да испоровоцира инцидент.

-И вчера и завчера работевме тука. Почнавме со расчистување на теренот, да ја вратиме црквата. Црква било, црква ќе остане. Земјиштето е државно со право на користење. Од корисникот немаме никаков проблем, не сме спречени. Од страна на општината тука прават играчки. Ова е само намерна чиста провокација и ништо друго, вели Павловски.

По изјавата ги отстранија лентите.

Со нив се упатија кон општина Врапчиште, за во знак на револт, симболично да ја пломбираат општината.

-Му ставивме пломба на градоначалникот да не може да излезе, како што ние не можеме да градиме. Толку од нас.

Градоначалникот Шабан Исени не сакаше да даде изјава. Во телефонски разговор само кратко кажа дека пријавата дошла била за узурпирање на државно земјиште и дошла од Градежниот инспекторат во општината. Тој денеска ги прибирал сите информации, а за наредните денови најави дека општината ќе има изградено став.

Жителите велат дека полициските службеници кои ги прекинале градежните работи имале налог за апсење, но Јавното обвинителство демантира. Оттаму велат, ќе утврдат како ве статусот на објектот и работите кои се извршувале, како и дали во целиот насастан воопшто имало кривично дело.

-Основното јавно обвинителство Гостивар е известено дека МВР постапува во конкретниот случај по поднесена пријава од Општина Врапчиште за недозволено вршење градежни работи во непосредна близина на магистрален пат, велат од ОЈО.

Црквата Света Петка се наоѓа на магистралниот пат помеѓу Врапчиште и Тополица. Ја користеле мештаните од селото Галате, кое практично е споено со Врапчиште. Изградена била во 90-тите години, но запалена од страна на припадници на УЧК во воениот конфликт во 2001-та година. 

Врапчиште е општина со нешто помалку од 20.000 жители. Главно живеат Албанци, но вториот најголем етникум се Турците. 875 жители се Македонци и главно живеат во Галате и Зубовце.