Македонија
14. April 2021 - 12:47

Температурните промени штетни за лозовите и овошните насади

Нестабилното време и брзите промени на температурата годинава ќе бидат причина  за сериозни штети врз земјоделското производство. Негативни последици веќе има кај голем дел од културите, но според експертите  најпогодени се лозовите и овошните насади.  Велат, топлото време на почетокот од годината било причина за подранување на вегетацијата која во овој период  трпи поради изразено ниските температури.

- Наместо влегување во еден вистински пролетен амбиент, ние имаме навистина видливи промени на времето со необични ниски температури од кои штетите се навистина големи. Кај оние по сензибилни видови како што е кајсијата, како што е црешата, праската, бадемот, тие навистина оваа година буквално се со големи штети. Не помала е штетата и во лозарството, вели д-р Ристо Вучков - експерт за заштита на растенија

Невообичаените ниски температури за овој период од годината негативно се одразуваат и врз дел од градинарските култури, посебно во струмичкиот регион.

- Имавме една видлива стагнација на сметка на квалитетот на зелката и оние култури како што е младиот компир кој исто така доживеа стресни состојби и она образување на кртоли не беше нормално, а сето тоа е штета врз квалитетот и приносот од одгледувањата култура, вели д-р Вучков

За ублажување на негативните ефектите од неповолната временска состојба експертите препорачуваат дека нај неопходна е агро хемиската анализа на почвата, а потоа и консултации со стручни лица со цел рехабилитација на производството. Во меѓувреме ги поттикнуваат  земјоделците за следните сезони да почнат да размислуваат за промена на културите кои ќе бидат соодветни на новите услови предизвикани од климатските промени.