Македонија
12. November 2021 - 19:57

Тема на денот со Јанис Бутарис

Г-дине Бутарис ви благодарам за можноста за ова интервју, 5 години по последното во Охрид. Прво да ве прашам, како сте?

Добро сум, добро сум. Чекам да дојде време, кога повторно ќе дојдам во Скопје бидејжи почнавме некои разговори со организации за заштита на животната средина за да можеме да развиеме подобри односи.

Како ги оценувате односите помеѓу грчкиот и македонскиот народ 3 години по потпишување на договорот од Преспа и промената на уставното име во Република Северна Македонија?

Видете, постои задоволство бидејќи овој проблем, кој навистина беше проблем, почна да се решава. Навистина вие го сменивте уставот, го сменивте името и истото се случува во Грција. Ние го направивме овој договор, кој многумина во Грција не го сакаат, но тој е факт. Тоа е договор, кој владата, посебно таа на Нова Демократија која е на власт, истиот го почитува. Значи работите се многу подобри отколку што беа и луѓето се повеќе среќни што се реши овој проблем.

Грчкиот алтернативен министер за надворешни работи Милитијадис Варвициотис изјави дека ако националистичката реторика се врати во Северна Македонија, Грција ќе ја редефинира својата позиција околу поддршката на евро-интеграциите, мислејќи на новите локални власти кои даваа свечена изјава под поранешното име Република Македонија. Дали сметате дека односите може да се влошат?

Не. Односите нема да се влошат, бидејќи прво – Грција е проевропска за владата во Скопје. Ние го почитуваме овој договор од Преспа. Тоа е факт. Работата е во тоа што ако во Скопје дојде националистичка влада, нештата ќе се влошат. Но, не заборавајте дека Европа малку се двоумеше да даде временска рамка за Северна Македонија да влезе во ЕУ.Но, Северна Македонија е членка на НАТО. Грција веќе патролира на небото над Скопје, што е дел од договорот. И навистина важни работи веќе се завршени. Имаме доволно време да постигнеме различни договори, околу имињата во училишните книги, комерцијалните имиња на производите (трговките марки), имаме доволно време да дискутираме за нив. Ако имаме добра волја сите овие прашања ќе бидат решени.

 

Почитување на договорот од Преспа е нешто што постојано се подвлекува во изјавите на грчките авторитети. Но, неколку меморандуми се уште, со години чекаат да бидат ратификувани од грчкиот Парламент, патните знаци кон Северна Македонија се уште се несоодветни, и се уште во грчката јавност можеме да ги слушнеме имињата ФИРОМ и Скопје?

Името ФИРОМ повеќе не постои. Никој повеќе не го користи името ФИРОМ. Некои луѓе го користат името Скопје. Што се однесува до патните знаци, можете да ги видите имињата на градовите кон кои покажуваат знаците. Значи, тоа не е големо прашање. Мислам дека тоа ќе биде решено брзо. Не заборавајте дека во Грција исто така владее епидемија, која е прашање број 1. Така што во овој момент многу не се грижиме за имињата.

Што им советувате на грчките локални авторитети, владата и парламентот да направат веднаш, и како сметате дека нештата ќе се одвиваат?

Видете знаците и улиците и во Грција и во Северна Македонија мора да се сменат, сите. Јас во скопје сум видел улици кои го имаат старото име. Но, тоа е работа на политичка одлука. Исто така и меморандумите треба да бидат ратификувани во двата парламента. Тоа е многу важно. Ако се ратификуваат работите ќе бидат многу, многу подобри.

Но, македонската влада имплементираше многу повеќе од тоа што е напишано во договорот. На пример, во еден од членовите од договорот е наведено дека промената на имињата на институциите треба да се изврши во рок од 5 години по секое отворање на поглавје во пристапните преговори со ЕУ. Но, тоа не е почнато. Дали сметате дека процесот може да се враќа назад?

Не. Мислам дека премиерот Заев е многу подобар, поодговорен во спроведувањето на договорот отколку грчката влада. Мислам дека грчката влада не посвети доволно внимание, на тоа колку е сериозно спроведувањето на договорот. Но ќе ви кажам што е важно. Повеќе од милион граѓани на Северна Македонија доаѓаат во Грција. Многумина за одмор, но не само за одмор. Еден милион преминувања на границата, за една земја од 2 милиона жители, значи дека тие доаѓаат два до три пати годишно. Тоа покажува колку се блиски вашите луѓе со нашите луѓе. Неразбириливо е ако толку многу луѓе од Макеоднија доаѓаат во Грција, не само за одмор, туку и за друго пазарење, бизнис итн, не смее да постои влада што нема да призне дека овие два народа се блиски и заедно. Тоа мора да го разберете. Ние сме многу блиски со вас и вие со нас. Ова е факт.

Што мислите, како ќе се одвиваат односите помеѓу двете земји во иднина во однос на политичките превирања во Северна Македонија, иако владата не падна?

Видете, имаме проблем во Бугарија. Тие немаат влада. Кај нив има отпор во помагањето на Северна Македонија кон ЕУ. Истото се случува во Франција. Во Франција има избори на пролет. Значи овие 2 земји не се препрека за влез на Северна Македонија во ЕУ. Мислам дека по претседателските избори во Франција и по формирањето влада во Бугарија работите ќе бидат многу, многу подобри. Постои уште една работа. ЕУ не беше јасна доволно за датумот кога ќе почнат преговорите со Северна Македонија. Ова беше голема грешка за ЕУ. Сега кога се реши проблемот со владата во Скопје, мислам дека големите земји, како САД, Германија, како Франција треба да инсистираат и да ги убедат националистичките кругови од македонската политика дека нема да има решение за иднината на Северна Македонија освен ако сте членки на Европската Унија.

Дали имате порака со македонските и и до грчките народи и политичари, како поранешен градоначалник на Солун и голем поддржувач на договорот?

Тоа што постојано го велам и кога бев градоначалник. Прв пат го посетив Скопје кога претседател беше Глигоров. Се сретнаве и тој беше политичка фигура на која и се воодушевував. Тој беше многу мудар. Тоа што сакам да го кажам е дека да се биде сосед, значи да си зависиш еден од друг. Во изминатите 20 години и покрај политичките несогласувања, името и слично, односите помеѓу народите беа многу добри. Ние доаѓаме кај вас, вие кај нас работите се одвиваа добро. Значи мораме да развиеме подобри односи, во културата, екологијата, економијата. А, политичарите да разберат дека ако народите сакаат да бидат блиски тие не можат да го игнорираат тоа. Значи владите треба да помогнат да се постигне овој факт, дека луѓето се заедно, и да останат на страна од национализмот. Бидејќи национализмот не е секогаш добар, туку ги продлабочува лошите односи.