Балкан
10. October 2017 - 9:36

„Телеграф“: Србија ќе купи С-300 и седум МиГ-29 од Белорусија

Србија во текот на следниот месец ќе купи од Белорусија ракетен систем С-300 и седум авиони ловци од типот МиГ-29, тврди весникот „Српски телеграф“.  

Весникот повикувајќи се на извори во Владата во Белград, наведува дека набавката на ова оружје ќе биде главна тема на разговорите за време на посетата на српскиот претседател Александар Вучиќ на Белорусија, предвидена за 1 ноември. 

„Српски телеграф“ додава дека Вучиќ и неговиот белоруски колега Александар Лукашенко уште во јануари годинава разговарале за можностите Белорусија да и продаде систем С-300 на Србија по поволни услови.

- Предлогот што е на маса и кој ќе се официјализира во ноември, е многу поповолна понуда од онаа што ја добивме од Москва, изјавил неименуваниот владин извор за весникот.

Според договорот, во текот на 2018 година Србија се обврзува да купи од Белорусија уште осум авиони МиГ-29 и два противвоздушни ракетни систем Бук.

На почетокот на месецов Србија како подарок од Русија доби шест ловици МиГ-29, по што Вучиќ најави дека земјата наскоро ќе има над 10 вакви авиони, кои ќе бидат оперативни, но и дека Белград „нема да застане тука“.

Покрај МиГ-овите, Србија на подарок од Русија ќе добие и 30 тенкови Т-72 и 30 борбени возила БЕДМ-2, а ја разгледува и можноста за набавка на руски системи Бук-М1 и Бук-М2 и ракетен комплекс Тунгуска.