Технички неисправен автобус возел 77 македонски патници во Будимпешта – Агенцијата вели дека изнајмила исправно возило
Со автобус тргнале на осмомартовско патување од Скопје, а крајната дестинација била Будимпешта, преку скопска туристичка агенција. Но никој од 77-те македонски патници не знаел дека автобусот со кој патуваат не ги исполнува техничките услови- граничарите на австриската граница кога го ставиле на технички преглед, увиделе дека автобусот не може да вози и го исклучиле од сообраќај. Возачот кога тргнал да го паркира автобусот пукнале осовините, сведочи пред камерата на Сител, патник од ова патување.
По 4 часа чекање на граница, агенцијата испратила нов автобус за да ги спроведе до дестинацијата за која платиле во аранжманот. Патникот сведочи дека сите имале среќа што на австриската граница бил исклучен од сообраќај автобусот, бидејќи можело да настане голема трагедија. За случајот ги известил сите надлежни институции и испекторати, но одговор не добил. Од агенцијата му кажале дека автобусите ги изнајмувале од друга компанија, од каде што им потврдиле дека се технички исправни. Пола сума од парите за факултативите им била вратена.
Од агенцијата за Сител велат дека автобусот бил исправен, а можно е при патувањето да се случил дефект
„Со години изнајмуваме автобуси за нашите туристички патувања и работиме со фирми од цела Македонија. И во случајот со патувањето за Будимпешта, склучивме договор за изнајмен автобус што беше исправен. Како и во случај кога патувате со приватно возило, може да се случи дефект, а штом ја добивме информацијата дека автобусот се расипал, ангажиравме друг од Виена и со него го продолживме патувањето.
Жалиме за настанот и поради тоа самоиницијативно го продолживме дневниот престој во Виена, а по враќањето во Скопје, на патниците им рефундиравме 50 отсто од парите платени за факултативни разгледи.“
Во автобуската несреќа со Беса Транс, каде загинаа 45 македонски државјани, автобусот возеше со фалсификувана лиценца за меѓународен сообраќај. Одговорност се уште нема, бидејќи Апелација го врати предметот на повторено судење.
Автобусот на Дурмо турс во кој загинаа 16 патници, бил технички прегледуван во станица за технички преглед која ја поседувал сопственикот на агенцијата. На техничкиот преглед пред несреќата било утврдено дека сопирачките на автобусот функционираат делумно. Обвинетите се уште не се правосилно осудени.
-
Тамара Дичоска
Сите содржини од овој новинар