Македонија
21. February 2024 - 16:57

Таткото на Леонид бара ФЗО да ја преиспита одлуката - ФЗО вели, не е конечна, може да се почне управна постапка

Фондот не бил запознаен дека Леонид заминува со хеликоптер во Виена, министерството за здравство пак немало информации за состојбата на момчето. И двете институции тврдат дека во државата има услови за овде  да биде лекуван и третиран Лео. Откако фондот одби да го покрие лекувањето, денеска велат одлуката не е конечна, може да се оспори. Бараат со дополнителна документација семејството да докаже дека е неопходно лекувањето во странство.

Одлуката е донесена како резултат на фактот што самиот предлог за упатување во странство, воопшто не содржи конкретна насока за вид на интервенција што е потребно да се изведе при лекувањето во странство, туку истиот содржи само општи процедури за рехабилитација.

Леонид Индов во Австрија беше испратен со државен хеликоптер за кој институциите се пофалија дека е прв пациент кој на овој начин е транспортиран. На полетувањето присуствуваа заменикот за  внатрешни Бојмацалиев, во придружба на директорот на БЈБ и директорот на градската болница. И покрај ова,  заменик министерката за здравство не била запознаена со случајот.

Интересно е што фондот во одлуката не наведува каде точно треба Леонид да биде третиран. Токму затоа неговиот татко е разочаран од постапувањето на инситуциите додека неговото дете се бори за живот.

Во меѓувреме, пратениците од власта и опоизицијата велат дека се подготвени уште веднаш да поддржат законски измени со кои би се овозможило фондот да покрие ваков вид на лекување.

Додека институциите тврдат дека нема законска основа да му се помогне со државни пари на нивниот осигуреник кој замина во Австрија за да може да почне самостојно да диши, граѓаните револтирани од информациите се мобилизираа да соберат донација за да му помогнат на семејството.