Таравари не дава „Ѓока констракшн“ да стопанисува со паркингот на Клинички - го поништи огласот
Пропадна бизнисот на Ѓока од Албанија во следната деценија да стопанисува со паркингот на Клинички и речиси двојно да ја зголеми цената за паркирање. По бурните реакции од јавноста, Арбен Таравари го поништи огласот и ќе бара ново решение за хаосот со барање на слободни паркинг места.
Министерот за здравство има две опции – да им понуди на Градски паркинг да продолжат и да изградат катни гаражи, или, пак, да се вклучат Заеднички служби. За првиот човек во здравствениот систем имало многу шпекулации и невистини за тендерот кој веќе пропадна и затоа освен на јавни претпријатија ќе ги отворел вратите во МЗ за сите што ќе понуделе соодветно решение.
-Тендерот најверојатно ќе го поништиме оти гледам дека има разни шпекулации и невистини. Оставаме простор дека сме транспарентни и отворени за сите кои што сакаат да дојдат и да кажат кое е најдоброто решение каде што пациентите воопшто нема да плаќаат или, пак, би плаќале поевтино, вели Арбен Таравари, министер за здравство.
Освен реакции во јавноста за зголемување на цената за паркирање, критики имаше и за самите услови од тендерот каде државата ќе добиваше само 1 процент годишно од профитот на Ѓока.
- Физибилитетот не го направивме ние. Го најдовме, беше готов во 2022 година и ние врз основа на тој физибилитет го распишавме огласот, вели Таравари.
Договорот со Ѓока ќе беше јавно приватно партнерство а компанијата требаше да изгради 2 катни монтажни гаражи. Но не стигна до потпис а од опозициската СДСМ бараат и покрај поништувањето некој да понесе одговорност.
-Сега откако се фатени живи и скандалот изби во јавноста од Владата најавуваат дека немало да го потпишат договорот. Не е доволно сега само да не се потпише договорот. Мора да има истрага за корупција и одговорност. Мора да постапат и ДКСК и Јавното обвинителство, вели Мартин Костовски од СДСМ.
Паркингот во Клинички е болна точка за пациентите со децении. Секојдневно има хаос во потрагата за место за паркирање каде граѓани вртат кругови со саати и притоа каснат на закажани термини за преглед.
-
Сања Димитровска
Сите содржини од овој новинар