Македонија
19. August 2021 - 13:16

Таравари: ДУИ и СДСМ да прекинат со притисоците врз вработените во државната администрација

Генералниот секретар на политичката партија Алијанса за Албанците, Арбен Таравари на прес-конференција во седиштето на гостиварскиот огранок посочи на повеќе пријави од граѓани, вработени во разни јавни и државни органи и институции, за притисок, мобинг и политички реваншизам од актуелната власт.

Таравари смета дека ова е вообичаено пред изборен циклус, па така, како што нагласи, и овој пат ДУИ ја започна со кампања против многу државни службеници кои не ги делат истите политички убедувања со владејачките партии.

– Последниот случај е на Беким Афузи, вработен во Царинската управа. Афузи јавно ги искажа своите ставови против Демократската унија за интеграција, и како резултат на овие ставови тој беше деградиран пред неколку дена. Притисоците врз него започнаа од 2008 година, а неодамна го натераа да ја напушти работата само за да ја зачува својата гордост, рече Таравари на прес-конференцијата.

Генералниот секретар посочи дека како Афузи има многу други кои не се откажуваат, туку се мобилизираат за да му се реваншираат на овој режим на најдемократски начин.

Таравари искажа огорченост од политиката, која, како што рече, не заслужува ниту да се нарече политика, а има за цел да ги сокрие неуспесите во локалната власт, да се скријат нивните неисполнети ветувања и лаги.

– Се ќе излезе на виделина, но не денес. Денеска сме тука за да ги поддржиме државните службеници, повикувајќи на непослушност кон ниските политики, уверувајќи ги дека сме тука за нив и секогаш ќе бидеме таму за да ги прекинеме притисоците за едно работно место. Крајот се приближува, бидејќи граѓаните се свесни и знаат да направат разлика, затоа ја повикуваме коалицијата СДСМ-ДУИ конечно да се откаже од диктаторските и криминални методи со кои досега остваруваа победа, истакна Таравари

Тој на крајот ги повика вработените во државните институции да си ги бранат работничките права и да не се плашат да го пријават секој случај, напоменувајќи дека сите дополнителни притисоци или прекршување ќе бидат пријавени во ОБСЕ-ОДИХР и во сите дипломатски претставништва.