Македонија
13. September 2017 - 20:34

Тања Бошковиќ добитник на наградата „Ристо Шишков“

Големата филмска и театарска  ѕвезда на бивша Југославија, и  една од најпопуларните српски актерки Тања Бошковиќ е добитник на единствената награда за високо актерско остварување на јубилејното 25 – то издание на фестивалот на камерен театар Ристо Шикков кој заврши синоќа во Струмица.

Таа  наградата ја доби за улогата на Марија Клаиќ  во претставата ,,Солзите се ОК“,  од Мирјана Бобиќ Мојсиловиќ, а во продукција на театарот Звездара од Србија. Бошковиќ вели дека оваа награда за неа е многу важна, а таа е среќна што благодарение на ова признание ќе биде уште една заштитничка на достоинството на актерите.

- Јас сум многу возбудена и почестена и знам дека не заслужив, но ќе се трудам до крајот на својот живот да го чувам споменот на големиот актер, на големиот актер, на човекот кој се бореше за достоинството на глумата и тоа е голема обврска, вели Тања Бошковиќ – добитник на наградата „Ристо Шишков“.

Тања Бошковиќ престижната наградата за високо актерско остварување ја доби во конкуренција помеѓу педесетина актери од  тринаесет престстави од Македонија,  Бугарија, Косово, Босна и Херцеговина и Србија. Исто како и нејзините претходници во изминатите 24 години таа како награда доби златен медаљон со ликот на патронот на фестивалот Ристо Шишков и паричен износ од 1500 евра.