Свет
9. јуни 2016 - 12:32

Тајланд одбележува 70 години откога кралот е на престолот

Во Тајланд се одбележува 70 годишнината откога кралот Бумибол Адулиадеј се наоѓа на престолот.

Тајландскиот крал е монарх со најдолг „стаж“ во светот затоа што на тронот во оваа азиска земја е уште од 1946 година, како 18 годишно момче.

Кралот Бумибол подолго време е со нарушено здравје, па со месеци не се има појавено во домашната јавност.

Свеченостите во чест на јубилејот, почнаа утринава во Бангкок со религиозната церемонија на 770 будистички монаси.

Повеќе стотина лица се собраа пред кралската палата во тајландскиот главен град да присуствуваат на церемонијата за одбележување на реткиот јубилеј.

Тајланѓаните веруваат дека нивниот 88-годишен крал, иако долго боледува, претставува фактор за стабилноста на Тајланд, земја која многу често во изминатите децении минувала низ бурни политички периоди..

Кралската палата соопшти дека кралот во вторникот бил подвргнат на помала хирушка интервенција на срцето, за која се вели дека поминала со „задоволителни резултати“.

Локалните медиуми во Бангкок пишуваат дека не се верува оти болниот крал ќе се појави на некоја од церемониите со кои се одбележува неговиот седумдецениски јубилеј.