Свет
29. February 2016 - 9:16

Тајланд ја одложи одлуката за купување воени хеликоптери и тенкови од Русија

Тајландскиот министер за одбрана Правит Вонгсуван денеска во Бангкок соопшти дека се уште не е постигнат договор за купување на 10 транспортни хеликоптери и 100 тенкови од Русија. Правит до вчера беше во официјална посета на Русија, при што имаше средба и со премиерот Медведев.

Договорт за набавка на хеликоптерите од типот Ми-17 и тенковите Т-90, најверојатно, ќе биде склучен во мај годинава, кога на средба со претседателот Путин во Москва ќе патува тајландскиот премиер генерал Прајут Кан-ока.

Замената на старите американски тенкови со руски не е по воља на западните, до државниот удар од мај 2014 година, сојузници. Покрај цената и квалитетот на руските орудија намерата опремувањето на тајландската војска да се изврши од Русија е своевиден дипломатски одговор на Бангкок поради замрзнувањето на воената соработка од страна на САД, ЕУ и Австралија.

Познато е дека за хеликоптерите и тенковите Тајланд ќе плати околу 23 милијарди бахти, односно околу 646 милиони долари.