Тајани: Европскиот пат се базира на заслуги, 2030 не е недостижен датум
2030-та не е невозможен датум Македонија да се приклучи кон ЕУ, вели италијанскиот министер за надворешни работи Антонио Тајани во интервју за Слободен печат. Шефот на италијанската дипломатија кој попладнево доаѓа во официјална посета на земјава на средби со државниот врв потенцира дека европскиот пат се базира на заслуги и секоја земја е одговорна за своите реформи.
– Ова не е невозможен датум. Земјите од Западен Балкан имаат капацитет да го комплетираат овој пат, кој останува базиран на заслуги, до 2030 година. Ова е значителен напор, кој не треба да се потценува, и сите ние мора да докажеме дека сме на висината на задачата: ако сите го направиме својот дел, 2030 година е цел на наш дофат. Што се однесува до Италија, ние остануваме посветени да бидеме покрај Република Северна Македонија: ние ќе продолжиме да обезбедуваме помош и на политичко и на техничко ниво на патот кон полноправно членство во ЕУ.
Тајани јасно не одговара дали во Брисел се разговара за раздвојување на интегративниот пат на Македонија и Албанија. На есен ќе се ажурирале податоците на сработеното и ќе се кроел план како да и се помогне на Македонија во интеграциите.
– Европскиот пат се базира на заслуги. Го поддржуваме влезот на сите земји од Западен Балкан, во согласност со препораките на Европската комисија, која постојано го следи напредокот на реформите во секоја земја, а со тоа и усогласувањето со законодавството на ЕУ. Истовремено, секоја земја е одговорна за своите реформи, а не за оние на соседните земји. Следното ажурирање ќе ни биде доставено од страна на Комисијата на есен и ќе ни овозможи да разбереме како најдобро да ѝ помогнеме на Република Северна Македонија да продолжи напред брзо и без понатамошно одложување кон пристапувањето.
Ваквата опција индиректно ја отвори еврокомесарот за проширување и соседска политика Вархеји, кој најави дека ги очекува Белград и Приштина на меѓувладни конференции во октомври, а можеби и Македонија. Сепак Вархеји потврди дека проширувањето останува на врвот на политичката агенда на Унијата.
-
Ивана Соколовиќ Најдова
Сите содржини од овој новинар