Балкан
16. September 2015 - 19:10

Тахири: Измина времето кога дрогата цутеше во Албанија

Албанскиот министер за внатрешни работи, Саимир Тахири изјави дека се чувствува горд со постигнатите резултати во борбата против шверцот со дрога.

На денешната средба со новинарите тој оцени дека изминало времето кога во Албанија цутела дрогата, а власта гледала сеир, поткрепувајќи го тоа, како што рече со бројки и факти, демантирајќи ги обвинувањата на опозицијата за вмешаност на власта во шверцот со дрога и несоодветната ангажираност на полицијата во рамките на антијанабис акцијата.

- Во 2013 година кога Демократската партија (ПД) беше на власт со воздушно снимање од страна на италијанската Финансиска полиција беа идентификувани 323 хектари со марихуана, а беа уништени само 7,5 отсто од нив. Во 2015 година, Финансиска полиција идентификуваше 44 хектари, што претставува дури осумпати помалку дрога отколку во 2013 година. Од оваа површина полицијата уништи 99,2 проценти. Од септември 2013 година, досега имаме запленето и уништено 94,7 отсто повеќе дрога отколку за осумгодишното владеење на демократите. Сето ова не фикција. И бројот на лицата изведени пред лицето на правдата е  поголем од бројот на уапсените во осумте години владеење на ПД, изјави Тахири.

Според Тахири, актуелената Влада на чело со премиерот Еди Рама е решителна во борбата против организираниот криминал, корупцијата и недозволената трговија од секој вид, за што потврдува „статситиката на нашите италијански партнери“ и државната полиција кои може да се верификуваат во секој миг.