Македонија
22. December 2016 - 11:25

СВР: Употребата на пиротехнички средства е казниво дело

Во пресрет на новогодишните и божикните празници кога е присутна појавата на продажба на пиротехнички средства Отсекот за превенција од СВР Куманово ги потсетува граѓаните преку соопштение до јавноста, укажувајќи им на последиците од негативните последици од нивната употреба, како и законските последици од таквите дела.

- Недозволеното изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материјали се казнува според членот 396 од Кривичниот законик на Република Македонија, односно тој кој неовластено изработува, држи, продава, набавува или врши размена со огнено оружје, муниција или експлозивни материи, ќе се казни со затвор од една до десет години, се наведува во соопштението на СВР Куманово.

Ако пак предмет на делото е поголемо количество огнено оружје, муниција, експлозивни материи или пиротехника, тогаш, додаваат од СВР Куманово, сторителот ќе се казни со затвор од најмалку пет години, а сите запленети материјали ќе бидат одземени.

- Исто така, неовластено пукање од огнено оружје или употреба на пиротехнички средства, експлозиви или лесно запалив материјал со кој ќе се наруши мирот и безбедноста на граѓаните ќе се соочи со глоба во износ од 200 до 500 евра во денарска противвредност, стои во соопштението.

Со глоба од 600 до 800 евра ќе се казнува родител или старател чие дете, односно штитеник заради занемарено грижење врши прекршоци на овој закон.