Свет
2. јуни 2017 - 10:08

Светските лидери незадоволни од одлуката на Трамп за повлекување од Париската спогодба за климата

Светските лидери веднаш реагираа на вчерашната одлука на американскиот претседател Доналд Трамп за повлекување на САД од Париската спогодба за борба против климатските промени.

Согласно меѓународната спогодба, во која учествуваат 195 држави САД требаше до 2025 година да ја намалат емисијата на јаглероден диоксид од 26 на 28 отсто во однос на нивото од 2005 година и да го зголемат финансирањето на фондот „Зелена клима“ за помош на земјите во развој во нивната борба против климатските промени. 

САД се вториот загадувач во светот по Кина и произведуваат 15 отсто од емисијата на штетни гасови во светот.

Големата цел, која земјите потписични на Париската спогодба си ја поставија на крајот на 2015 година беше да не се дозволи просечната температура на Земјата да се зголеми повеќе од два степени Целзиусови во однос на прединдустриската епоха, преку намалување на емисијата на штетни гасови, кои го предизвикуваат ефектот на стаклена градина. 

И покрај тоа што изразија жалење поради повлекувањето на САД од спогодбата, Италија, Франција и Германија одговорија решително дека таа не подлежи на промени.

- Сметаме дека она што беше договорено во Париз во 2015 година е неповратно и оти Париската спогодба не може да биде предмет на нови договарања, бидејќи е суштински инструмент за нашата планета, нашите општества и економиите, изјавија во заедничко соопштение лидерите на трите земји.

Францускиот претседател Емануел Макрон ги повика вчера сите американски „научници, инженери, претприемачи и свесни граѓани“ да дојдат да работат во Франција на „конкретни решенија за климата“. 

- Да ја направиме нашата планета повторно голема, рече Макрон на англиски како одговор на предизборниот лозунг на Трамп „Да ја направиме Америка повторно голема“.

- Париската спогодба нуди вистинска глобална рамка за гарантирање на благосостојбата и безбедноста на идните генерации, а истовремено со неа се обезбедува енергетски пристап за сите граѓани и компании, изјави британската премиерка Тереза Меј во телефонски разговор со Трамп, соопшти прес-службата на Даунинг стрит. 

Австралискиот премиер Малком Турнбул изјави дека одлуката на САД да се повлечат од Париската спогодба не е изненадување, но е разочарувачка.

- Инсистираме САД да останат дел од спогодбата. Ние презедовме одредени одбврски согласно спогодбата, рече Турнбул пред новинарите во Сингапур. 

 Јапонскиот министер за надворешни работи Фумио Кишида изрази жалење поради оваа одлука на САД. Тој истакна дека Јапонија работи со други земји согласно Париската спогодба за нејзино одлучно и целосно применување во борбата против климатските промени. 

Одлуката на Трамп наиде на негативни реакции и од Белгија, Данска, Холандија, Канада, Бразил и други држави. 

Фронт против одлуката на Трамп формираа гувернерите демократи од сојузните држави Њујорк, Калифорнија и Вашингтон, а градоначалникот на Питсбург Бил Педуто напиша на Твитер дека неговиот град ќе ги почитува раководните принципи на Париската спогодба за климата „за доброто на нашиот народ, нашата економија и нашата иднина“. 

Трите држави, кои претставуваат околу една петина од американското население и над една петина од БДП на САД се „одлучни да ја постигнат целта за намалување на 26 од 28 отсто на емисијата на штетни гасови“, во однос на нивото од 2005 година, се вели во соопштението на гувернерот на Њујорк, Ендру Куомо. 

- Претседателот рече дека климатските промени се измислица, вистината е спротивна на ова, таа е она кое го посочуваат сите научници и јавноста, изјави гувернерот на Калифорнија, Џери Браун.

Гувернерот на Вашингтон Џеј Инсли додаде дека благодарение на нивниот „Соуз за климата“ „пасивноста на Вашингтон ќе се соочи со одлучноста во активностите на сојузните држави“.

Познати личности во бизнис светот исто така изразија разочарување и повикаа да се преземат итни мерки против затоплувањето на климата. 

- Климатските промени се факт. Индустријата треба да даде пример и да не биде зависна од владата, изјави главниот директор на „Џенерал електрик“, Џеф Имлет. 

Илон Маск, директор на фирмата за електромобили „Тесла“ и познат активист за заштита на обновливите извори на енергија изјави дека повеќе нема да биде советник на Белата куќа поради оваа одлука на Трамп.

- Ги напуштам претседателските совет. Климатските промени се реалност. Излегувањето од Париската спогодба не е добро ниту за Америка, ниту за светот, рече Маск. 

Директорот на банката „Голдман Сакс“, Лојд Бланкфејн ја означи одлуката на Трамп како пораз за животната средина и позицијата на САД како светски лидер.