Свет
7. April 2018 - 8:45

Светски ден на здравјето

Унапредувањето на јавното здравје, подобрување и унапредување на здравјето и добросостојбата на сите граѓани преку одржлив и високо квалитетен здравствен систем, секој и секаде да го оствари своето право на највисока можна здравствена заштита и да има можност и пристап до квалитетна здравствена услуга, се пораките од македонските здравствени институции по повод 7 Април, Светски ден на здравјето, кој се одбележува под мотото „Здравје за сите, здравје насекаде“. 
 
Тие посочија дека фокусот ќе биде ставен на подигнување на квалитетот на здравствените услуги за пациентите со обезбедување на пристап и можности за секој и секаде, на дигнитетот на здравствените работници, на подобрување на инфраструктурата на постојните објекти, инвестиција во капитални објекти, промена на легислативата, реформа во начинот на здравствено осигурување и на целосна електронска интеграција на сите јавни здравствени установи.
 
Светската здравствена организација во клучните препораки по повод Светскиот ден на здравјето наведува дека поединечни земји во светот постигнале значителен напредок кон универзалениот пристап до здравствените услуги, но половина од светското население сè уште нема пристап до основните здравствени услуги.
 
Трошоците за лекување доведуваат милиони луѓе да живеат во сиромаштија. Повеќе од 800 милиони луѓе (речиси 12 отсто од светската популација) даваат 10 отсто од приходите на домаќинствата за трошоци за лекување за себе, за болните деца и за другите членови на семејството. За речиси 100 милиони луѓе, овие трошоци се толку високи што ги водат до екстремна сиромаштија, принудувајќи ги да преживеат со само 1,90 долари или помалку дневно, посочуваат од СЗО.
 
Светската здравствена организација ги повикува лидерите во светот да преземат конкретни чекори кон воспоставување на универзален пристап до здравствените услуги. Тоа подразбира секој и насекаде да има пристап до квалитетни здравствени услуги без да се соочува со финансиски потешкотии.
 
Светскиот ден на здравјето првпат беше одбележан во 1950 година и оттогаш е насочен кон подигање на јавната свест за здравствените проблеми. Овој ден се слави како потсетник за основањето на Светската здравствена организација, со цел да се привлече вниманието на најважните здравствени проблеми во светот.