Македонија
22. March 2022 - 16:39

Светски ден на водите: Нерационално трошење на дури 60 проценти од водата за пиење во земјава

Наместо за пиење, огромни количини од питката вода во земјава се трошат за потребите на металопреработувачката индустрија, за наводнување зеленило или за миење улици. 

Надлежните велат дека се поразителни податоците и за тоа колку од питката вода се губи поради старата водоводна инфраструктура.

Во рамки на кампањата „Разбистри сè“ на Институтот за комуникациски студии, се презентираше дигитална водна книга, каде се објавени сите дозволи и концесии на фирми за користење и испуштање во водите. Целта е и граѓаните и инспекторите да имаат постојан увид и контрола во употребата и влијанието врз водните ресурси.

По повод Светскиот ден на водата, се одржаа низа активности, годинава со фокус на подземните води бидејќи во светот 40% од водата за пиење се обезбедува од подземните води, додека во Македонија дури 70%. 

Со цел одговорно да го користиме овој ресурс, се вклучи и дел од дипломатскиот кор, со чија поддршка ќе започне кампања за едукација и подигнување на свеста за значењето на водата, особено во основните училишта.