Македонија
3. December 2021 - 12:24

Светски ден на лицата со попреченост

По повод Меѓународниот ден на лицата со попреченост 3 Декември денеска во Прилеп се организираа повеќе манифестации во центрите за поддршка на овие лица. Еден од нив беше и хуманитарниот настан „Од деца за деца“ на кој децата кои го посетуваат Центарот за поддршка на учењето во ООУ „Св. Климент Охридски“ продаваа новогодишни честитки кои ги изработиле сами или пак во изработката им помогнале учениците од другите училишта во градот. 

„Ние во моментов во училиштево имаме 8 паралелки со кои држиме настава и одат по стариот наставен план. Меѓутоа исто така во Центарот постојат и тимови, по новиот закон, тим за образовна поддршка, тим за рехабилитациска поддршка, мобилен тим, кои даваат услуги на другите општински училишта, поточно на децата со пречки во развојот и посебни образовани потреби. Со овие тимови опслужуваме 10 основни училишта на ниво на Општина Прилеп. Тоа е еден подолг процес за реализација, во моментов покрај наставата која ја држиме имаме и рехабилитациски третмани“, потенцираше Жаклина Ѓорѓиевска Ванески, специјален едукатор и рехабилитатор. 

На настанот присуствуваше и градоначалникот на Општина Прилеп кој вети зголемување на бројот на вработени во овие центри и набавување на сите потребни нагледни средства со цел подобрување на едуцирањето. 

„Овој ден посебен акцент заслужува за лицата кои што им е потребна и неопходна помош за изедначување со останатите во општествениот систем. Но само еден ден не е потребен туку секој ден посебно внимание заслужуваат сите дечиња“, рече градоначалникот на Прилеп, Борче Јовчески.

„Овој ден е посебно акцентиран на потребите и проблемите кои ги имаат и се соочуваат лицата со посебни потреби. Но како што велат сите не е доволно само еден ден да им се посвети внимание на овие лица и на нивните права за еднаквост со другите, тоа треба да биде секој ден, да претставува дел од човечкото општетство“, истакна Ахил Јаков, директор на ООУ „Св. Климент Охридски“ – Прилеп.

Манифестации по повод овој ден ов Прилеп денесак се одржаа и во Дневниот центар „Ѕуница“,Дневен центар за лица со церебрална парализа, како и Центарот за подршка на лица со интелектуална попреченост „ПОРАКА“.