Светска банка предлага зголемување на ДДВ од 18 на 19 проценти
Северна Македонија може да се справи со растечкиот долг и да обезбеди макроекономска стабилност со подобрување на својата фискална состојба преку зајакнување на буџетската дисциплина, подобрување на ефикасноста на јавните расходи и подобрување на наплатата на даноците, се вели во новиот извештај на Светска банка „Преглед на јавни финансии на Северна Македонија: Обезбедување стабилност и зајакнување на отпорноста“.
Во извештајот се нагласува дека најновата стратегија со која фискалната нерамнотежа требаше да се намали со економскиот раст, не донела задоволителни резултати. Во последната деценија, земјата се соочува со повисоки фискални дефицити од земјите од Западен Балкан, со ниво на долгот што надминува 62 проценти од Бруто домашниот производ (БДП).
-За подобро да се подготви за иднината, сега е клучно Северна Македонија да почне да се справува со фискалните предизвици, изјави Масимилијано Паолучи, директор на Канцеларијата на Светска банка за Косово и Северна Македонија.
Според него, обезбедувањето на цврсти макроекономски основи може да придонесе за одржлив економски развој и намалување на сиромаштијата додека земјава се приближува кон членство во ЕУ.
Во делот на даноците, СБ предлага зголемување на стапката на ДДВ од сегашните 18 на 19 проценти и отстранување на повластената стапка за сите стоки, освен за основните производи.
Во однос на одржливоста на пензискиот систем во извештајот се посочува дека целта на повеќестолбната реформа на овој систем воведена во 2005 година била подобрување на среднорочната и долгорочната фискална одржливост со одржување на паритетот на правата низ генерации, но дека оваа цел е доведена во ризик поради подоцнежните ад-хок промени на политиките. Земјава и понатаму има пензиски дефицит и без реформа, како што оценија Светска банка, тој уште повеќе би се зголемил.
- За справување со овие предизвици се предлагаат повеќе политики за намалување на пензискиот дефицит во услови на општество што се повеќе старее. Тие опфаќаат укинување на неодамна воведениот модел на индексирање според цените и платите (тн Швајцарски модел) и враќање на претходното индексирање согласно индексот на цени на мало, постепено зголемување и изедначување на возраста на пензионирање на мажите и жените и постепено зголемување на стапката на придонесот. Комбиниран пакет што ќе ги интегрира сите три политики би можел да донесе поизбалансирани исходи и да го спречи понатамошното зголемување на пензиските расходи и дефицити, се наведува во Извештајот на СБ.
Во извештајот се вели дека има значителен потенцијал за подобрување на наплатата на даноците и за оптимизирање на расходите на јавниот сектор. Проценките на Светска банка укажуваат дека со спроведување мерки како што се намалување на ослободувањата од ДДВ, спроведување прогресивно оданочување на приходите и зголемување на даноците за животна средина и даноците на имот, даночните приходи би можеле да се зголемат за 3,5 процентни поени од БДП.
Според извештајот, со подобрување на наплатата на даноците и оптимизирање на расходите, Северна Македонија има можност да ги намали трошоците за задолжување и да распореди повеќе ресурси кон основните сектори клучни за нејзината иднина, како што се образованието и здравството.
Во делот на здравството се наведува дека справувањето со предизвиците на општеството што старее бара модел за извршување на услугите со кој се подобрува ефикасноста на јавните расходи и се проширува пристапот до висококвалитетни здравствени услуги, вклучувајќи и долготрајна нега. Ова меѓу другото подразбира, континуирани инвестиции во опрема, вработувања, знаења, вештини на давателите на негата. Обезбедувањето на рамноправен систем до здравствената заштита, се посочува, бара подобрување на пристапноста, особено на лековите и долготрајната нега.
-Подобрувањето на пристапноста до лековите и зголемување на пристапот до висококвалитетни лекови бара редовно ажурирање на позитивната листа на лекови и ревидирање на цените на лековите и на политиките за партиципација со фокус на подобра финансиска заштита на ранливите домаќинства, а во делот на услугите за долготрајната нега се препорачува развој на механизми за финансиска помош особено за сиромашните, стои во Извештајот.
Во извештајот се дадени низа препораки со цел насочување на земјата кон поодржлива фискална патека. Овие препораки опфаќаат конкретни мерки за зголемување на даночните приходи, реформи за подобрување на ефективноста на јавната администрација, ребалансирање на финансиите на локалните власти и напори за подобрување на ефикасноста на извршувањето на јавните услуги.
Групацијата Светска банка е партнер на Северна Македонија во разни проекти за финансирање и знаење со цел подобрување на ефикасноста, транспарентноста и одржливоста на јавните расходи, подобрување на ефективноста на даночната администрација и кои опфаќаат повеќе сектори, вклучувајќи ги образованието, социјалните услуги и земјоделството.
Ново на Сител
-
СДСМ обвинува за политички договор меѓу ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ за бегството на Груби
-
Вања и Панче биле убиени свирепо со ист калибар на оружје
-
Сложени ТАВИ процедури во Систина
-
Идната година уверение за државјанство ќе се вади електронски – редизајниран порталот uslugi.gov.mk
-
Надлежните во обиколка на маркети – дали се почитува Новогодишната кошница?
-
Оштетена македонската амбасада во Киев при руски ракетен напад
-
Едно седумгодишно дете убиено и три повредени во напад со нож во училиште во Загреб
-
Скопје од вечерва без вода - Колку часа ќе трае санацијата на дефектот