Светот е вперен кон Северна Кореја: Десет факти за земјата на Ким Џонг-ун
Провокациите не престануваат, а бројот на нуклеарните проби од страна на Пјонгјанг е се поголем.
Северна Кореја се наоѓа на Корејскиот Полуостров и на север граничи со Кина и мал дел со Русија. Јужната граница се дефинира како „демилитаризирана зона“.
Уште од Корејската војна во 50-те години од минатиот век, околу 250 километри долга и околу четири километри широка гранична линија ги раздвојува двете земји – Северна и Јужна Кореја.
Ова се десетте најважни факти за Северна Кореја, земја која е во центарот на вниманието на светската политика, пишува „Дојче веле“..
1. Каква врска има Корејската војна со актуелниот конфликт?
Корејската војна од 1950 до 1953 година се уште е присутна во колективната свест на Севернокорејците, бидејќи Пјонгјанг прави се за тоа сеќавање да не исчезне. Пропагандата на Северна Кореја против САД е многу ефикасна, меѓудругото, и затоа што сојузничките сили ја воделе Корејската војна без да имаат предвид за цивилите. Во текот на три години борби, САД континуирано ја бомбардирале Северна Кореја, при што настрадала една петтина од населението. Врховниот командант на сојузничките сили, американскиот генерал Даглас Мекартур во тоа време дури предложил врз Кореја да се фрлат „30 до 50“ атомски бомби, но за тогашниот претседател на САД, Двајт Ајзенхауер тоа била премногу драстична солуција. Луѓето и денес ги чувствуваат последиците од војната и може да се каже дека таа никогаш и не завршила. Прекинот на огнот пред 64 години само го замрзна судирот. Околу 30.000 американски војници стационирани во Јужна Кореја и редовните воени вежби со јужнокорејските трупи, Пјонгјанг ги доживува како постојана закана.
2. Како им е на обичните граѓани во Северна Кореја?
Повеќегодишната изолација оставила видливи последици врз економијата на Северна Кореја. Поради тоа граѓаните до денес страдаат. На почетокот на 90-те години, околу 300.000 луѓе починале од глад. Според извештаите на ОН, една третина од населението хронично е недохрането, а санитарните и медицинските услуги во земјата имаат огромни недостатоци. Екстремните климатски услови со поплави и сушни периоди ги отежнуваат земјоделските активности. Земјата е ориентирана на увоз. Меѓутоа, поради влошените надворешнополитички односи и санкции, Северна Кореја тргува само со некои партнери, односно со Кина или Иран. Меѓународните хуманитарни организации се обидуваат да и достават помош на Северна Кореја, а Светската програма за храна моментно ја поддржува Северна Кореја со над две милијарди евра.
3. Дали режимот навистина се однесува ирационално?
Нема сомнение дека Ким Џонг-ун (33) е несовесен и насилен лидер, човек кој по секоја цена сака да остане на власт во последната комунистичка диктатура на светот. Сепак, тој не е непресметлив: се однесува дрско, но има стратегија. Ја зајакнал својата моќ во државата, партијата и војската, а потенцијалните ривали, како што е неговиот полубрат Ким Џонг-нам или вујкото Јанг Сонг Тек, ги остави настрана. Неговиот нуклеарен и ракетен курс е рационален и доследен, иако неговата основна цел е одржување на системот. На Ким нуклеарното оружје не му е потребно како средство за водење војна, туку како средство за возвраќање. Кога се во прашање преговорите, тој сака да биде рамноправен со САД.
4. Како соседна Јужна Кореја гледа на ситуацијата?
Јужнокорејскиот устав од 1987 година предвидува мирно обединување на двете Кореи, врз основа на слобода и демократија. Но дури и т.н. „сончева политика“ на Ким Дае-јунг на почетокот на 21. век, ниту построгиот став на неговите претходници, не довеле до напредок за проближување на двете земји. По политичките превирања во Јужна Кореја, Мун џе-ин во мај 2017 година е именуван за претседател. Тој се зазема за политика на разбирање врз основа на договорите со Северна Кореја и најавува дистанцирање од САД. Северна Кореја досега не реагираше на повиците на Сеул за преговори. Произволната политика на САД на Корејскиот Полуостров му ја отежнува работата на јужнокорејскиот претседател. Мун се повеќе се труди неговата земја, поради судирот на меѓународен план, да не стане политички заробеник.
5. Како би изгледал воен судир?
Веднаш до вооружените делови на двете Кореи стојат сојузници од Корејската војна, а тие и самите се меѓусебе противници: Северна Кореја е поддржана од Кина, а Јужна Кореја од САД. Во судирот веројатно би биле вклучени и Јапонија, Русија, а преку НАТО – и Германија. Доколку дојде до војна меѓу Северна и Јужна Кореја, во многу кратко време ќе настрадаат околу еден милион луѓе и тоа без употреба на нуклеарно оружје. Сеул, каде живеат 10 милиони жители, а е само 60 километри оддалечен од границата со Северна Кореја, се наоѓа во дострел на артилериско оружје. Северна Кореја имала време од десетици години за да ги вкопа и обезбеди воените објекти. Дури и воена сила како САД не би можела навреме да ја неутрализира целата нивна артилерија. Покрај нуклеарно, Ким поседува и тони хемиско и биолошко оружје. На долгорочен план Северна Кореја не би можела да ја добие војната, но цел полуостров во случај на судир буквално би бил срамнет со земја.
6. Како Доналд Трамп го смени односот на САД кон Северна Кореја?
Американската политика кога е во прашање Северна Кореја значително е сменета по инаугурацијата на претседателот на САД, Доналд Трамп. Односно уште на почетокот на неговиот мандат, судбината на американскиот студент Ото Вармбер, кој беше затворен во Северна Кореја бидејќи земал еден постер, предизвика голема вознемиреност. Откако момчето беше префрлено во САД од севернокорејскиот затвор, трагите од физичко злоставување биле очевидни. Вармбер почина само неколку дена по пристигнувањето во САД. На најновите провокации со лансирање на ракетите, реакцијата на Трамп беше жестока. – Ќе реагираме со оган, бес и сила доколку Северна Кореја продолжи со ракетните тестирања, изјави американскиот претседател, користејќи реторика слична на Ким Џонг-ун. Двете страни се смирија по меѓународните апели. Сепак само неколку дена подоцна САД спроведоа воени вежби со Јужна Кореја. Речиси истовремено Северна Кореја изврши тестирање на хидрогенска бомба.
7. Зошто Кина се двоуми да изврши притисок врз Северна Кореја?
Западот очекува од Кина да ги заостри санкциите против Северна Кореја. Тоа пред се се однесува на испораката на нафта. Кинеските власти тоа го одбиваат и продолжуваат да испорачуваат нафта и храна, нагласувајќи дека тоа е „хуманитарна помош“. Кина сепак ги прифати санкциите на ОН, кои, меѓудругото, забрануваат испорака на јаглен. Инаку, нејасно е колку Кина навистина има влијание врз Северна Кореја. И покрај предупредувањата од Пекинг, Пјонгјанг изврши повеќе нуклеарни проби. Кина се плаши од промена на режимот во Северна Кореја, посебно ако тоа е поврзано со повторно обединување со Јужна Кореја. Тогаш Корејскиот Полуостров целосно ќе биде под влијание на САД, а американските војници ќе се најдат директно на кинеската граница. Тоа за властите во Пекинг би претставувало вистински кошмар.
8. Дали Русија е повеќе од само мирен набљудувач?
Ставот на Москва е дека лансирањето на балистички ракети претставува сериозна закана за бродовите и авионите во регионот, а тоа е и опасност за цивилите. Русија ја делат околу 17 километри граница со Северна Кореја. Од друга страна, Русија ги предупредува САД на опасност од воена акција и не сака судирот на Корејскиот Полуостров да се решава со оружје. Кога станува збор за санкции против Северна Кореја, Кремљ се уште стои настрана. Сепак, прекината е цела економска соработка со Пјонгјанг согласно резолуцијата на ОН. Во Москва сепак постои подготвеност, доколку е потребно, да се зајакне севернокорејскиот режим. Една руска туристичка агенција кон крајот на минатиот месец препорачувала патувања во Северна Кореја. Притоа, во утринските програми руските телевизии цела недела емитувале репортажи, кои ги претставувале убавините на Северна Кореја.
9. Што прават ОН?
Изминатите години ОН предлагале широка стратегија за соработка со Северна Кореја во следните пет години. Соработката со Владата на Ким сака да ја дефинира земјата како „развојна цел“ на светската организација, само да се постигне нејзин општествен и економски напредок. Веројатно, ставот на меѓународната заедница кон режимот на Северна Кореја по последните провокации е многу сложен. Советот за безбедност на ОН на почетокот на минатиот месец усвои Резолуција, со која се заострени санкциите кон таа земја. Забранет е извоз на јаглен, железо, како и риби и морски плодови, а повлечена и е и добивката од извозот во вредност од околу една милијарда долари. Покрај тоа, повеќе организации се ставени на „црна листа“ на ОН, меѓу кои и Севернокорејската банка за надворешна трговија.
10. Какви се шансите на дипломатијата?
Дипломатските односи со Северна Кореја се сами по себе предизвик. Уште во текот на преговорите со шесте земји, Северна Кореја покажа способност да ја насочи водата кон своја воденица. Со Кина, Русија, САД, Јапонија и Јужна Кореја веќе шест години се преговара за прекин на нуклеарната програма. Експертите разгледуваат т.н. „двојно замрзнување“. Северна Кореја би ги прекинала нуклеарните и ракетни тестирања, а САД и Јужна Кореја би се откажале од заедничките воени вежби. Досега Сеул и Вашингтон го одбиваа тоа. Прекинот на нуклеарната програма секако би бил скап за Пјонгјанг. Евентуална цена за тоа би бил билатерален договор со САД за мировна спогодба која ќе го замени Договорот за прекин на огнот од 1953 година. Проблемот е во тоа што Јужна Кореја за возврат во својот устав ќе мора да ја признае Северна Кореја. Вашингтон повеќе нема да има право да ангажира американски трупи во Јужна Кореја, а со тоа доминантната улога на САД во азиско-пацифичкото подрачје значајно ќе се намали.
Ново на Сител
-
Роналдињо стана косопственик на американски клуб
-
Лига на нации: Македонија убедлива на гостувањето кај Летонија
-
Најмалку 10 жртви од ураганот Милтон на Флорида
-
Бајден и Харис со остри критики до Трамп за лажните тврдања околу одговорот на владата по катастрофалните урагани
-
Делегација на ЕУ: Ја нагласуваме важноста од континуирано спроведување на Охридскиот договор
-
Шефот на НАТО: Не грижете се ако евентуално победи Трамп на изборите во САД
-
Бројот на диви животни за 50 години се намалил за 73 отсто
-
Малолетници ограбени во Центар - им се заканиле со нож