Македонија
8. јуни 2021 - 21:21

Свештеник на МПЦ-ОА повикува верници да не се причествуваат кај вакцинирани свештеници – Синодот молчи

Екстремни ставови доаѓаат од Преспанско – Пелагониската епархија. Тамошниот отец Здравески ја бранува црковната јавност, повикувајќи ги верниците да не се причестуваат кај свештеници кои примиле вакцина.

Здравески, кој претходно доби казна од државата поради непочитување на препораките за заштита од пандемија и фрлањето на крстот за празникот Богојавление, вели дека ова е негов личен став.    

„На оние што мене ми веруваат, на моите духовни чеда јас им препорачувам да не се вакцинираат. Ќе почекаме едно 10-15 години да видиме како ќе поминат тие што се вакцинираа па ќе видиме. Секој има право, како тие што примија вакцина и јавно тоа го покажаа велејќи дека не ги плаши, мене ме плаши”

Она од што се плаши отецот, вели, го прочитал на интернет. Сомнежот за составот на вакцините е тој што го натерал јавно да зборува против процесот на вакцинација.

„Во вакцините има клетки од абортирани дечиња. Црквата е против абортусот и ако мислиме само на нашиот живот и се вакцинираме, а за тоа пострадале невини суштества во утробата на својата мајка и тоа не по нивна воља туку по воља на некој друг. И сега тие се жртва за ние да се вакцинираме и да примиме здравје. Јас сум против тоа. И секој што се вакцинира го прифаќа и одобрува абортусот. Тоа е една од причините, а ги има многу. Друга причина е што тие што повикуваа на намалување на населението, сега гледаме како вложуваат во вакцините”

Ваквите ставови на свештеникот наидоа на револт на голем број на верници, кои на социјалните мрежи прашуваат зошто нема реакција од МПЦ – ОА и од самата епархија. Надлежниот епископ владиката Петар вели дека официјално нема чуено за ваквите повици кои доаѓаат од Здравески.

„Тоа е личен негов став и негов проблем. Од подолните власти и органи немаме никакво официјално известување за таквото негово однесување и повици. Кога ќе добиеме, тогаш ќе расправаме за тоа прашање. Сепак, тоа е негов личен став и ние не можеме да му го смениме умот на некого. Предвреме не можам да кажам ништо”

Личен мој став, вели Владиката, е дека треба да се прими вакцина. Како МПЦ отсекогаш сме се залагале за следење на сите здравствени прописи и сме повикувале на нивно почитување.

Повици за вакцинирање претходно дојдоа и од речиси целиот црковен свет. Вакцина против Ковид досега примија вселенскиот патријарх Вартоломеј, рускиот патријарх Кирил, како и архиепископите на Атина, на Тирана, монасите на Света Гора и голем дел од служителите во сите православните цркви.