Македонија
23. February 2024 - 16:48

Свечен пречек на 140.000 обрасци за пасоши на Богородица

Фотографиите кои на полноќ ги објави МВР не може да доловат дали свечениот пречек на 140.000 обрасци за пасоши на граничниот премин Богородица од страна на дополнителниот министер Бојмацалиев го придружувала и пригодна музика. Во соопштението кое го испрати МВР стои дека ќе добиеме уште 80.000 со што би се задоволила околу една петина од она што ни треба за сите да ги смениме пасошите.

„МВР продолжува со одржување на континуитетот на подготвеност да одговори на зголемената побарувачка и да ги задоволиме потребите на нашите граѓани во процесот на промена на личните документи“ – рекол Бојмацалиев на граница.

Но континуитетот во моментов делумно е задржан само на издавањето пасоши по брза постапка, додека оние во редовен континуитет немаат видено во последните неколку месеци. 

Опозицијата и денеска во писмено соопштение побара мнозинство за предлог законот со кој пасошите исто како и личните карти и возачките ќе важат до крајот на годинава.

- Народот доста веќе истрпе и доста беше омаловажуван од власта, сега е време да им се помогне на граѓаните. Треба барем 15 чесни пратеници од власта да има, кои ќе му помогнат на својот народ и ќе ги спасат од оваа неправда, заедно со пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, да го изгласаат законот, за продолжување на важноста на пасошите – се вели во соопштението на опозицијата

Но во власта нема расположение. Екс премиерот вели без Грција не може ништо, а во ДУИ се согласуваат со него.

Во моментов граѓаните не можат ни да проверат дали можат со стар пасош да ги поминат европските граници бидејќи уште на излез, македонските граничари не им дозволуваат да ја напуштат Македонија со пасош на кој нема „северна''.