Македонија
4. August 2021 - 17:16

Свадбите и прославите од Тетово направија најголемо жариште

За два дена двојно повеќе хоспитализирани поради компликации од ковид во тетовската болница. Дури 26 пациенти имаат потреба од болнички третман за разлика од понеделникот кога под медицински надзор беа 12. Само еден од примените не е на кислородна поддршка, а скоро сите имаат хронични заболувања кои дополнително ја отежнуваат работата на лекарите, вели за Сител координаторот на ковид центарот во Тетово. Биле принудени да ја стават повторно во функција и модуларната болница која ако продолжи овој тренд ќе биде полна за една недела.

-Младите шетаат ама на удар се и страдаат хронично болните. Имаме пациенти кои велат цела година не излегле од дома и пак завршила во болница. Ова што сега го гледаме сега секако дека е алармантно, па да видиме како ќе биде, вели др. Гзим Нуредини координатор на ковид центарот во тетовската болница.

Тетово во моментот е најголемото жариште на ковид во државата со најмногу активни случаи дури 229. Кластерите дојдоа од прославите а како што велат лекарите се уште има свадбени веселби што дополнително влијае на лошата состојба. Најверојатно ќе има и реорганизација во тетовскта болница поради наплив од пациенти.

- Ќе се наполни за кратко модуларната и ќе треба да пренамениме и други одделенија што секако ќе се одрази и на другиот крај од болницата за други пациенти. Најверојатно во скоро време ќе треба и реорганизација во болницата, вели др. Нуредини.

Вчера во Тетово имало дури 64 амбулантски прегледи што според лекарите е загрижувачки податок бидејќи голем дел од нив поради симптоматологијата најверојатно ќе завршат во болница.

Освен во тетовската, повеќе од 20 хоспитализирани има и на Инфективна клиника, а за ковид пациенти веќе во функција се и болниците во Куманово, Прилеп, Велес и Битола.