Македонија
6. December 2017 - 15:09

Сугарески: Интеграција на Западен Балкан во ЕУ и подобри транспортни услуги

- Договорот за основање на транспортна заедница треба да обезбеди интеграција на транспортниот сектор на регионот со тој на Европската унија, како потврда на заложбите и поддршката на ЕУ на политиката на проширување, рекол министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, во обраќањето на министерскиот совет на земјите од Западен Балкан, основачи на Транспортната заедница, што се одржа во Брисел. 

На состанокот кој присуствуваше и комесарката за транспортна политика на Европската комисија, Виолета Булц Сугарески истакнал дека целосното усогласување на домашната регулатива со регулативата на Европската Унија не е потребно само заради аспирациите на Македонија за членство во Унијата, туку, пред се, заради подигнување на нивото на транспортните услуги и тоа во полза на корисниците и на давателите на услугите, соопшти Министерството за транспорт и врски.

- Доколку се осврнеме на придобивките, предизвиците и очекувањата од претстојната имплементација на Договорот, најпрво сакам да истакнам дека ова е во согласност со започнатиот процес на интеграција на Република Македонија и нашите аспирации за членство во Унијата. Дополнително, глобализацијата и меѓузависноста на економиите, особено европските, во сите дејности вклучително и транспортот, претставува аргумент плус за претстојните реформи кои ќе бидат резултат на имплементацијата на Договорот,  рекол Сугарески.

Како што потенцирал, основањето на Транспортната заедница ќе ги забрза секторските реформи и либерализацијата на пазарите во земјите до Западен Балкан, додека на подолг рок ќе придонесе за подобра ефикасност и пониски трошоци на транспортните услуги.

Во обраќање, пак, на 13-от состанок на министрите за транспорт во рамки на СЕЕТО мрежата, ја потенцирал важноста на изградба и моденизација на транспортните Коридори 8 и 10 кои имаат висок приоритет за Република Македонија, регионот и Европската Унија, како и заложбата на Владата на РМ за реализација на проектитете кои се одвиваат на овие коридори.

Сугарески е дел од владината делегација предводена од премиерот Зоран Заев, што престојува во дводневна работна посета на Брисел.