Македонија
26. September 2023 - 16:36

Судскиот совет зад затворени врати ќе го анализира извештајот од истрагата за непоканетите гости

Тајна да остане кој влегувал и претурал по канцелариите во Судски совет.. Ова го предлага судијката, Лорета Георгиева, која како член на советот во мај годинава се посомнева дека во нејзината канцеларија имала непоканет гостин. Извештајот од проверката на безбедносните камери, денеска беше пред членовите на советот, ама отсутен беше генералниот секретар кој ја предводел истражната комисија, па документот во салата ќе се врати на некоја наредна седница.

„Точката под реден број 7 да биде изземена од денешно разгледување од причина што претседателот на комисијата, од оправдани причини не е денеска присутен и сметам дека во негово отсуство не е својствено да ја расправаме точката“, изјави Ивица Николовски, член на Судски совет.

Предлогот го прифатија и останатите членови, но дел предложија, тоа да се прави зад затворени врати.

„Не е во ред во нејзино отсуство да денес расправаме по оваа точка, а наредно, мој предлог е да биде предмет на разгледување на некоја друга седница. Предлагам да биде затворена за јавноста оваа точка и сметам дека од тука треба да произлезат некакви заклучоци што понатаму“, изјави Лорета Георгиева, член на Судски совет.

Сомнежите за недозволен влез во канцелариите на Судски дојдоа по тензичните седници на кои беше разрешена Весна Дамева. Во расветлување на случајот се вклучи и полицијата која заедно со службите на судски детално ги прегледуваа снимките од видеонадзорот. Тогаш од Советот рекоа дека извештајот ќе биде јавно презентиран.