Македонија
26. November 2015 - 16:53

Судскиот совет избра претстедател на Апелациониот суд во Скопје и на два основни судови

Судијката Љиљана Ивановска Шопова останува претседател на скопска апелација. Во конкуренција со 4-ца други судии кои од страна на судскиот совет во последните две години исто така биле оценети со највисока оценка, пресудно за изборот на Шопова според советот е нејзиното долгогодишно искуство во Апелациониот суд. Еден од најпознати судски предмети кои ги водела е големата корупциска афера „Бачило“. 

„Од 2007 година со формирање на одделението за организиран криминал и корупција во Основниот суд Скопје 1 Скопје постапува како претседател на кривичен совет и претседател на одделението за организиран криминал. На 31.03.2008 година е избрана за судија во апелациониот суд Скопје и распоредена на работа во кривичниот оддел каде и до ден денес постапува како судија и претседател на совет од 5-мина судии“ објасни Мирјанка Гоцевска Стефановска, член на судски совет.

Нови претседатели добија и основните судови во Радовиш и Берово. По направената целосна анализа на бројот на судии и обемот на работа, Судскиот совет попладнево ја изгласа и новата систематизација на судските места, која во иднина ќе одговара на вистинските потреби, но и ќе се доближи до европскиот просек. Едногласно беше изгласана и одлуката за распишување оглас со кој ќе пополнат 6 испразнети судски места во скопска апелација и по едно место во апелационите судови во Гостивар, Битола и Штип.