Судски утре ќе одлучува како Дамева да ја врати на чело на Советот
Судски утре ќе ја разгледува одлуката на Управен суд за незаконското разрешување на Дамева. Пресудата е веќе во советот и како што велат од таму, ќе ја разгледуваат на колегиум.
„Пристигна пресудата од Управен суд за разрешувањето на Дамева и ќе се разгледува на работен состанок. Во рок од 30 дена треба да се постапи со неа“ велат од Судски совет.
Засега останува нејасно како Судски ќе ја врати Дамева на чело на советот. Експерти по административно право и јавна администрација за Сител велат дека сега советот треба да најде начин како Георгиев да го тргне од претседателското место. Појаснуваат дека во игра се две опции, тој сам да се повлече, или, пак да го разрешат како Дамева и повторно со гласање да ја вратат на претседателското столче.
За професорката Павловска-Данева, одлуката на Управниот суд потврдила дека разрешувањето е незаконско, а фрла сенка и врз професионалноста на членовите на советот.
„Оваа одлука на Управниот суд има најголемо негтинво дејство по изборот на постојниот претседател кој очигледно бил нелегален и не смеел да се случи, но, исто така, оваа одлука претставува големо бреме и удар врз професионалноста на членовите на Судски совет кои учествуваа во неговите незаконитости“, вели за Сител, Ана Павловска Данева, Професор на Правниот факултет, Јустинијан први.
Според пресудата на Управен, разрешувањето на Дамева било нејасно ама и незаконски образложено. Цитирајќи го законот за Судски, наведува дека советот нема надлежност да гласа за недоверба на претседателот. За грешките на членовите на Судски законот предвидел постапка за утврдување одговорност.
Дамева беше разрешена во април лани. Нејзиниот заменик тврдеше дека ги нарушила меѓучовечките односи и побара членовите на Судски да ја разрешат.
-
Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар