Судијката Ристова ја бара правдата во Врховен за неизборот во Апелација
Откако Судскиот совет не и ја даде довербата за судија во Апелација, судијката Оља Ристова денеска правдата ја бараше во Врховниот суд. Вели ги имала сите потребни квалификации, била трето рангирана на листата на кандидати, а сепак за судии во Апелација биле изгласани кандидати кои биле на 5то,10то и 12то место на ранг листата, значително пониско од неа. Не добила ниту образложение зошто не и е дадена довербата за место во повисокиот суд, напротив добила само бројки кој гласал за, а кој против.
Иако Ристова го доби мнозинството гласови од Судскиот совет, сепак одлуката за судија во скопска апелација падна на бадентеровото мнозинство. Според нејзиниот адвокат, Владимир Туфегџиќ, бадентеровото мнозинство без образложение нанело штета на кандидат од мнозинската заедница.
Судијката Ристова побара врховните судии да ја укинат одлуката и постапката да се повтори.
Габриела Гајдова, Александра Ристовска, Весна Димишкова и Осман Шабани се четворицата судии за кои Судскиот совет даде зелено светло и ги унапреди во Апелација.
-
Тамара Дичоска
Сите содржини од овој новинар