Македонија
4. May 2023 - 17:19

Судијата Сашко Георгиев избран за претседател на Судскиот совет

 Судскиот совет попладнево на итна седница со осум гласа  „за" и четири „против" го избра судијата Сашко Георгиев за нов претседател.

Седницата ја водеше заменикот Селим Адеми, кој пред гласањето посочи дека претседателот на Судски совет се избира со осум гласа од членовите со право на глас.

На седницата не присуствуваше претходната претседателка на советот Весна Дамева.

Пред гласањето Георгиев рече дека гордоста е на негова страна што го предлагаат и оти го прифаќа предлогот само ако е од сите заедно сплотени.

- Очекувам само сите заедно, сплотени и надпросечен придонес да ја вратиме довербата пред се меѓу нас и граѓаните. Затоа ве повикувам, доколку овој предлог излегува искрено, само сите заедно ќе го прифатам овој предизвик. Ве повикувам сите, да придонесеме, доколку стоите позади мене го прифаќам предлогот, изјави Георгиев.

Судскиот совет, 439-та седница која претходно беше одложена за завчера, ја закажа попладнево на 15 минути пред нејзиниот почеток во 16:30 часот. 

Весна Дамева беше разрешена неочекувано минатата среда на јавна седница на Судскиот совет,  Директен повод за разрешување на Дамева било нејзиното одбивање да стави на дневен ред нова точка и наводното криење на писмото од американската амбасадорка Анџела Агелер. Нејзиното разрешување го иницира заменикот Селим Адеми, кој по неколку часа тензии и расправии, доби поддршка од 7 од 13 члена на Советот за остратнување на Дамева од претседателското место. 

Дамева, која по гласањето за нејзино разрешување обвини дека „Советот е претворен во анархија“, а одлуката ја оцени како противзаконска и донесена „за да се задоволат одредени поединци од политиката“, произнесувајќи се за предлогот за одлагање на седницата, рече дека се надева оти во наредните денови ќе има доволно време да се види дали ќе се обезбеди потребното мнозинство за да се легализира, како што наведе, нејзиното незаконско разрешување.

Разрешувањето на Дамева и случувањата во Судскиот совет предизвикаа бројни реакции во јавноста, а правите експерти го оценија како нелигитимно.