Македонија
20. August 2018 - 16:43

Судењето за ,,Титаник‘‘ продолжи со слушање нови ,,бомби‘‘

Трет ден во кривичниот суд се слушаат незаконски прибавените телефонски разговори за предметот Титаник. Од вкупно предложените 1063, до сега емитувани се околу 200 аудио снимки. Во разговорите кои беа објавени се слуша како поранешните функционери на ВМРО-ДПМНЕ се подготвуваат за парламентарните избори во 2011-тата година. Набавка на рекламен материјал, начинот на негова дистрибуција, селекција на кандидати за пратеници, се дел од прислушуваните телефонски разговори. Во снимките денеска се слушна и гласот на актуелниот претседател на Државната изборна комисија, Оливер Дерковски. Тој денеска вели дека разговарал телефонски со многумина но секогаш работел законски.

„Кај мене воопшто нема влијание во мојата работа во ДИК, а доколку имал некој таква намера тоа е негов проблем. Значи, на мене не може да влијае затоа што јас во текот на мојот цел работен век работам, функционирам почитувајќи ги законите на Република Македонија и ќе продолжам така, а кои се намерите не би навлегувал. Се работи за судска постапка и не е добро да коментираме“, изјави Оливер Деркоски, Претседател на ДИК.

Освен аудио снимките, Специјалното јавно обвинителство за предметот понуди 5.900 писмени докази а во судот треба да се појават и 190 сведоци.

На почетокот на денешното рочиште, одбраната на обвинетите побара нивниот технички советник да направи увид во ЦД-то и опремата од која се емитуваат снимените разговори но судот и специјалното јавно обвинителство го одбија барањето. Судијата Осман Шабани објасни дека тоа е дел од АКМИС системот и не е дозволен пристап до него. Обвинителката ги покани адвокатите и техничкиот советник во просториите на СЈО да направат увид на дисковите од кои се репородуцираат прислушуваните телефонски разговори.

Во предметот Титаник се обвинети екс премиерот Никола Груевски, поранешните министри Јанкуловска, Јанакиески и уште 17-мина. Според обвинението на СЈО, се товарат за злосторничко здружување, повреда на избирачко право, злоупотреба на средства за финансирање на изборна кампања.