Живот
9. March 2021 - 19:10

Студија: Мајчиното млеко од жена вакцинирана против Ковид-19 содржи антитела

Студија спроведена во Израел покажа дека мајчиното млеко на жени вакцинирани против Ковид-19 содржи антитела.

Десет доилки, вработени во болницата Ихилов во Тел Авив и вакцинирани, се согласија да дадат примероци од нивното млеко и антитела беа пронајдени во сите примероци дури и по единечна доза на вакцината. Една недела по втората доза, нивото на антитела се зголеми, соопштија израелските медиуми.

Истражувачите откриле дека создавањето антитела во млекото и крвта е синхронизирано и дека антителата во мајчиното млеко можат да го неутрализираат и блокираат врзувањето на вирусот со рецепторот на клетката домаќин, што е клучна способност на вакцината да ја спречи болеста.

Професорот Ариел Мани, кој ја водеше малата студија во соработка со универзитетот во Тел Авив, за јавниот сервис Кан изјави дека резултатите се доволно значајни за да се потврди важноста за вакцинирање на жени кои дојат, надевајќи се дека тоа, исто така, може да помогне во заштитата на нивните деца.

Во Израел се препорачува да се вакцинираат бремени жени и доилки. Некои бремени жени починаа од Ковид-19, а десетици развија сериозна форма на болеста.

Иако засега не е дозволена вакцинација на деца, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху вчера изјави дека е во контакт со Фајзер и дека фармацевтската компанија наскоро ќе објави дека може да се имунизираат и деца на возраст под 16 години.