Македонија
7. April 2020 - 12:43

Студентите до петок да ги земат личните работи од домовите

Студентите кои имаат потреба да ги посетат студентските домови за да подигнат оставени лични работи ќе може да го направат тоа во следните четири дена почнувајќи од денеска, во одредени периоди од деновите согласно со вонредниот полициски час и дополнителните ограничувања во слободата на движење.

Директорот на Државниот студентски дом „Скопје“ Дарио Николовски на својот фејсбук-профил објави дека посетите на домовите ќе бидат дозволени денеска (вторник)  од 12 до 16 часот, а од утре (среда) до 10 април (петок) од 9 до 13 часот.

Николовски во објавата наведува дека оваа одлука е поради бројните барања на студентите и нивните потреби и напоменува дека при посетата на домовите потребно е да се почитуваат препораките односно да се носат маска и ракавици.

При посетата на домовите студентите ќе бидат пуштани во ограничен број, по двајца, по што ќе следува целосна дезинфекција на објектите.

-Ги замолуваме сите студенти кои имаат потреба да ги посетат домовите да го направат тоа во следните четири дена бидејќи потоа тие ќе бидат затворени се до донесување позитивна одлука односно продолжување со престојување, иселување поради карантин или завршување на студиска година, соопшти директорот на Државниот студентски дом.