Струмичкиот музеј доби дозвола за санација на Oрта Џамија
Проблемот што ја кочеше санацијата на локалитетот Орта Џамија, еден од најзначајните споменици на културата во Струмица е надминат. После четири години струмичкиот музеј конечно ја доби потребната согласнот од сопственикот на објектот. Исламската верска заедница даде дозвола за довршување на истражувањата. Ова значи дека веќе нема да има пречки и за подготовка на потребниот проект за целосно санирање на објектот на кој подолго време се видливи сериозни оштетувања.
„Во договор сме со институтот за земјотресно инженерство кој го изготвува проектот за санација на куполата на џамијата во наредните десетина, петнаесет денови да се извршат оние спорните истражувања на темелите на објектот за да се види која е причината за деструктивно однесување на објектот“, вели Ацо Манински - директор на Завод и музеј Струмица.
Од завод и музеј најавуваат дека паралелно со истражувањата и подготовката на проектот за санација се работи и елаборат за самиот објект. Тој треба да придонесе за неговото побрзо заживување и отварање за пошироката јавност.
„Станува збор за локалите на кој најгорниот слој е џамија, под џамијата има православна црква, а најдолниот слој е верско светилиште од поранешните периоди“, вели Манински.
Орта Џамија е изградена во 17 век. Под нејзините темели се наоѓа три корабна средновековна црква датирана од крајот на 11 и почетокот на 12 век, а под нејзините темели археолозите имаат откриено и антички храм.
-
Зоран Ѓоргиев
Сите содржини од овој новинар