Македонија
25. February 2021 - 12:45

Струмички Комуналец со пролетна акција ќе ги чисти дивите депонии

Диви депонии никнуваат насекаде низ општина Струмица. Скоро и да не постои населено место во чија близина нема барем една таква локација. Граѓаните фрлаат се и сешто, а притоа не го бираат местото и покрај тоа што 90% од населените места во општината имаат организирано собирање на сметот. Од ЈПКД Комуналец велат дека токму дивите депонии се најголемиот проблем со кој се соочуваат со години. Лани исчистиле 27, но за помалку од една година тие повторно никнале, најголемиот дел на истите локации.

„Во изминатата 2020 исчистивме 27. Сега според  последните информации од терен има некаде околу 21 дива депонија. Значи повторно се движиме околу оваа бројка. Можам да кажам дека истите депонии што беа исчистени во 2020 година сега се повторуваат. ,, вели Бранко Ѓоргиев  - ЈПКД Комуналец - Струмица

Со цел отстранување на дивите депонии струмички Комуналец започна со акција за големо пролетно чистење. Акцијата ќе трае два до три месеци, а освен дивите депонии ќе се врши и генерално чистење на градот и сите населени места.

- Комуналец веќе изработи агенда покрај чистењето на дивите депонии да се врши генерално чистење на населените места, како и во градот. Исто така покрај одржувањето на јавната комунална хигиена на мислење сме да спроведеме акција за собирање на кабаст и електронски отпад од самите домови на граѓаните како во населените места така и во градот Струмица, вели Ѓоргиев

Од комуналното претпријатие се надеваат дека акциите освен што ќе придонесат за чистење на депониите и сметот истите ќе бидат мотив и за подигање на свеста кај граѓаните.