Македонија
14. January 2021 - 12:34

Струмичани се поклонија пред моштите на Свети Василиј Велики

Веќе 25 години верниците од Струмица имаат ретка можност, да застанат и да се поклонат пред моштите на Свети Василиј Велики. Така беше и оваа година. Во чест на големиот христијански празник Обрезание Господово и Свети Василиј Велики струмичката епархија ги изнесе неговите мошти за поклонение. Ова значајно духовно богатство епархијата во Струмица го има уште од 1913 година, но ретко кој знаел за него. Одлуката тие да бидат изнесени пред верниците ја донел  владиката Наум кога доаѓа на чело на епархијата. Од тогаш со негов благослов, секоја година на денот посветен на Свети Василиј верниците имаат можност да се поклонат пред неговите свети мошти.

„Веќе 25 години ние ја имаме таа благодат да бидеме дел , односно од молитвите на Свети Василиј Велики кој што ги проси за нас пред Господ Исус Христос. Ние можеме да се поклониме на светите мошти кои секоја година во очи празникот на Свети Василиј Велики се изнесуваат на поклонение овде во црквата Свети Кирил и Методиј во Струмица. Но сепак за да пристапипе кон светите мошти и поколение пред нив ние треба да имаме еден православен христијански светотаенски живот, а тоа е живот преку пост, причест и исповед и само така ќе ја почувствуваме благодатта на светите мошти“, вели отец Даниел Ѓоргиев.

И годинава голем број верници го посетија соборниот храм Свети Кирил и Методиј во Струмица каде традиционално се изнесуваат моштите Но за разлика од порано кога црквата буквално неможеше да ги собере, годинава беше евидентно дека поради пандемијата нивниот број е далеку помал. Ги немаше ниту верниците од од околните градови кои специјално за овој празник доаѓаа во Струмица.

Инаку струмичката епархија е единствената во државата која поседува мошти од Свети Василиј. Според кажувањата на постарите свештеници тие тука пристигнале на чудесен начин, аги донел војник кој во тоа време служел во Кападокија.